
Министерството за внатрешни работи најавува воведување „паметен систем“ за заштита на жртви од семејно насилство, преку кој институциите во реално време би имале увид каде се наоѓа жртвата и би можеле брзо да реагираат со полиција, здравствени и социјални служби.
Министерот Панче Тошковски во интервју за „360 степени“ изјави дека идејата предвидува, со согласност на жртвата, преку мобилен телефон да се активира систем кој би овозможил аудио и видео снимање на настанот и брза интервенција на надлежните служби.
Тој појасни дека системот би бил надградба на постојниот број за итни случаи 112, каде што разговорите веќе се снимаат и се користат како доказ во постапки, но новото решение би овозможило и видео-поврзување во реално време.
Тошковски нагласи дека целта е побрза и поефикасна заштита на жртвите, со подобра координација меѓу МВР, здравствените и социјалните служби, како и судските органи, додека за обвинувањата од опозицијата дека се работи за „шпионски софтвер“ рече дека се неосновани.
Идејата, како што посочи министерот, сè уште е во фаза на разработка и ќе следуваат дополнителни институционални консултации.