
Со прашања упатени до владините функционери, денеска, во законодавниот дом се одржа 86. пленарна седница, со единствена точка на дневен ред – Поставување на пратенички прашања. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во одговор на прашање од пратеничката на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Дијана Тоска, поврзано со националистичките навреди на навивачките групи за време на спортските натпревари, оцени дека доколку изминатите години било постапувано неселективно од страна на сите институции што имаат надлежност да констатираат и да реагираат соодветно на ваков тип предизвици денеска немаше да сведочиме на повици за меѓуетничка омраза и насилство.
– Гадно е чувството кога гледате спортски натпревар и една навивачка група кога навредува еден етникум во Македонија и обратно, кога друга навивачка група навредува, колне, пцуе, плука и така натаму, но, навистина, многу ми е криво што изминативе 20 и повеќе години додека сте партиципирале во власта не сте сториле апсолутно ништо за денеска, повторно да го имаме она што не сакаме да го гледаме ниту слушаме, а се случува, рече Тошковски.
Пратеничката од редовите на ДУИ, Тоска, се обрати до министерот Тошковски во врска со, како што рече, повикувањето на омраза и насилството на фудбалските натпревари, посочувајќи на неодамнешен инцидент помеѓу навивачките групи на ФК Вардар и ФК Башкими, каде, според неа, биле упатувани анти-албански повици, а Федерацијата изрекла казна за ФК Вардар – играње натпревар без публика.
Според пратеничката од ДУИ, насилството и повикувањето на омраза на фудбалските натпревари станало пракса во државата, и албанската заедница и нејзините клубови биле постојано навредувани, затоа, побара од Тошковски да преземе конкретни мерки против националистичките навреди на стадионите.
Тошковски, пак, во одговорот нагласи дека МВР делувало неселективно еднакво спрема сите етникуми и навивачки групи, и дека кривична постапка е поведувана против секој за кого биле обезбедени докази. Тој ја повика пратеничката од ДУИ да зазема еднаков став спрема сите етникуми и навивачки групи, а не, како што рече, да биде само во одбрана на Албанците.
– Доколку во минатото на провокации, незаконски дејствија, фрлање и палење знамиња, дали се тоа македонски, албански, српски и така натаму, било одговорено од страна на институциите како што одговоривме ние минатата година, неселективно, и доколку истово го сторевте кога имаше натпревар каде што други навивачки групи навредуваат друг етникум во Македонија, и го поставевте прашањето пред сите овде, и се боревте и за тие, и за Македонците, и за Србите, и за Ромите, и за Власите, и за Бошњаците, како што се борите за Албанците, верувајте ми дека денес немаше да сме онаа држава што сме. Не се гледа искреност во вашиот пристап, нагласи Тошковски.