Тошковски: Ковачевски е македонски државјанин

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски кој е осомничен во случајот „Адитив“ не се откажал од македонското државјанство.

„Посоченото лице е во рамки на регистерот на државјани на Македонија, истото е македонски државјанин и не побарало отпуст согласно информациите кои ги имам во овој момент“, истакна Тошковски одговарајќи на новинарско прашање.

Министерот додаде дека лицето не е достапно на органите на прогон и изрази голема благодарност до полициските службеници кои работеле на овој случај.

„Органите на прогон ќе сторат се во рамки на нивната законска наджелност да постапат, се со цел истото да биде изведено пред лицето на правдата. Се работеше интензивно, подолг временски период. Само во текот на вчерашниот имаме над 30 претреси извршено на домови и на други простории. Два претреси се извршени во рамки на отворање на сефови кои се поврзани со дел од приведените лица. Оваа акција беше сеопфатна и досега е најголема која е спроведена во Македонија од аспект на штета на државниот буџет која е сторена при една енергетска криза кога граѓаните крпеа крај со крај“, нагласи министерот за внатрешни работи.