Тоше болиш и уште долго ќе болиш...

Вторник, 6,25 часот, 16 октомври 2007 година. Утро што неповторливо им го измени животот на сите оние што барем еднаш го имаа слушнато гласот на македонскиот славеј, како што го нарекуваа хрватските медиуми. Тоа злокобно утро им го скрши срцето на сите оние што живеат во овој дел од Европа.

 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Skopjeinfo.mk (@skopjeinfo.mk) on

 

Утрото кое ни го зема единственото вистинско добро што ни го дари Бог. 16.10.2007 година, 6 часот и 20 минути кога цела Македонија се разбуди од плачот на универзумот. И на многу не им е јасно зошто толку ги допре смртта на еден пејач.

Роден е на 25 јануари 1981 година во Битола. Мајка му Домника, татко му Никола и сестра му Дори биле пресреќни што во нивното семејство се родило машко дете. Честопати знаеја да кажат и дека среќата на семејството се сменила откако се родил тој.

Пријателите го опишуваат како среќно, насмеано дете. Отсекогаш ја сакал музиката. На 11-годишна возраст настапува на фестивалот „Златно славејче“ и оттука почнува сè. Завршува средно музичко училиште во Битола, па се сели во Скопје и се запишува на Факултетот за музичка уметност.

Првиот повпечатлив настап го има 1997 година, на Макфест, со песната „Пушти ме“. Само две години подоцна го слушнавме неговиот прв албум „Некаде во ноќта“. По албумот следуваше и најромантичниот концерт на Тоше, првиот, одржан на дожд, под Скопското кале.

Во 2000 година го сними вториот албум, „Синот Божји“ од каде што излегоа хитовите „Немир“, „Тајно моја“, „Илузија“, „Во коси да ти спијам“…

По овој албум почнаа да му се отвораат музичките врати на поранешните ЈУ простори. Во 2004 година ја претставуваше Македонија на изборот за Песна на Евровизија во Истанбул. Во тој период го издаде и албумот „Ден за нас“, а стана и Амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ. Неговиот следен албум „По тебе“ е издаден и на пазарот на цела поранешна Југославија. Навраќајќи се на корените и убавата македонска музика, го сними албумот „Божилак“, а потоа и „Игри без граници“. Неговиот последен албум, „The Hardest Thing“, испеан на англиски јазик се појави по неговата смрт.

Во текот на неговата кариера, оствари соработки со големи музички имиња, одржа голем број концерти, освои многу награди кај нас и во странство. Неговите песни и денес се едни од најслушаните.

Тоше остави музички печат кој никогаш нема да биде заборавен. Тој ќе остане да живее засекогаш преку неговата публика, која и понатаму ќе ги пее гласно песните кои ги остави во наследство.