Топло чоколадо за деновите кога есента се чувствува во воздухот

Есента некако природно нè враќа кон малите задоволства.

Photo by Melody Zimmerman on Unsplash

Кон топлите џемпери, мирисот на цимет, долгите вечери дома и храната што не само што нè заситува, туку и нè смирува. А топлото чоколадо е токму такво – едноставно, кремасто и доволно богато за една обична вечер да ја претвори во мал ритуал.

Рецепт за совршено топло чоколадо

За две шолји ќе ви требаат:

  • 500 мл млеко

  • 100 г темно чоколадо

  • 1 лажица какао

  • 1 лажица шеќер или мед, по вкус

  • 1 лажичка ванила

  • малку цимет

  • неколку зрнца сол

  • 1 лажичка густин, доколку сакате погусто и покремасто чоколадо

Загрејте го млекото на тивок оган, но не дозволувајте да зоврие. Додајте го какаото, шеќерот, циметот и прстофат сол и мешајте додека смесата не стане мазна.

Потоа додајте го искршеното чоколадо и мешајте додека целосно не се растопи. Ако сакате погуста текстура, разматете го густинот со малку ладно млеко и додајте го во тенок млаз, постојано мешајќи. Гответе уште една до две минути, додека чоколадото не стане густо и кремасто.На крај додајте ја ванилата.

Сипете го во омилените шолји и, ако сакате, додајте малку шлаг, рендано чоколадо, цимет или неколку мини маршмелоу.

Најважниот дел, сепак, не е во рецептот.

Топлото чоколадо е еден од оние мали есенски ритуали што нè потсетуваат дека не мора секој ден да биде продуктивен, возбудлив или совршен. Понекогаш е доволно само да забавиме, да седнеме покрај прозорецот и да уживаме во нешто топло додека надвор светот продолжува да брза. Есента е совршено време за токму тоа.