Тестенини со лимон и пармезан

Лимонот, пармезанот, маслиновото масло и лукто се вкусовите без кои италијанската кујна е незамислива, а сега се споени во еден рецепт кој, секако, е направен со тестенини. 

Состојки:

Едно чешне лук
Половина китка свеж магдонос
Еден поголем лимон
300 гр тестенини
Една лажица чили во прав (или буковец, ако сакате поголеми парчиња)
Кора од еден лимон
Малку мелен црн бибер
Прстофат сол
100 гр рендан пармезан

Подготовка:

Во тенџере ставете еден литар вода, малку сол и една лажица масло, а кога водата ќе зоврие ставете ги тестенините, па варете 1-2 минути.

Во посебно тенџере во кое ќе го правите сосот, додадете 2-3 лажици маслиново масло, ситно исечкан лук, 1 лажица чили, изрендана кора од лимон и малку мелен црн бибер. Мешајте 3-5 минути.

Потоа во смесата додадете ги тестенините, па сето тоа добро измешајте го. Додадете сок од еден лимон и една лажица маслиново масло, исечкан магдонос и 100 грама рендан пармезан.

Мешајте додека сето тоа не се соедини.

Потоа додадете 1 дл. вода во која сте ги вареле тестенините, па на тивок оган варете уште 10-на минути. По потреба додавајте по малку вода. Пред крај посолете.

Кога сосот ќе ја достигне посакувана густина, тргнете го тенџерето од огнот, па сервирајте ги тестенините. Украсете со нарендан пармезан, сечкан магдонос или пак парчиња свеж лимон.