Тешка година која ми го промени животот: прочитав 35 книги, завршив 5 курсеви и се поврзав со старите пријатели

Кога прв пат ја слушнав веста за забрзаното ширење на коронавирусот, мислев дека ова лошо искуство нема да трае повеќе од 2 месеци. Но, погрешив.

Во тој период веќе го имав испланирано моето летување во Хрватска каде конечно повторно решив да отидам по еден далечен одмор со моите родители. Но, секако морав да го откажам моето патување, како и многу други планови кои ги имав за оваа 2020. 

Април беше најтешкиот месец за мене, се плашев да излезам од својот дом, одев само до супермаркет каде ги набавував основните намирници и се трудев да ги игнорирам барањата на мојата мајка  да набавам брашно и основни намирници, во случај да не дојде до најлошото. Тешко ми беше да се навикнам да работам од дома, се плашев за себе, за животот на моите родители, но и за мојата работа. 

Мај и јуни беа месеците кога се решив да направам план, тоа беше периодот кога сфатов дека сето ова нема да заврши така брзо. Го променив начинот на исхраната, почнав да вежбам секој ден, излегував од домот на долги прошетки. Го структурирав своето време и верував дека сепак ќе можам да заминам на мојот долго планиран одмор во текот на летните месеци. Седнав и направив план за тоа што сакам да го постигнам оваа година, доколку сето ова продолжи. 

Во меѓувреме, им се јавив на неколку пријатели со кои долго се немав слушнато. Беше интересно да се слушне нивната перспектива, тие не беа толку уплашени од целата ситуација како мене. Тоа ми помогна многу, а и убаво беше да се слушне нивниот глас.

Од време навреме ми надоаѓаа лоши мисли, тешко заспивав и покрај долгите прошетки и вежбањето, па решив да ги прочитам книгите кои ги имав купено, а кои стоеја долго на моите полици. 

Најдов време за сите работи кои долго време немав време да ги направам.Сменив многу лоши навики и се чувствував подобро од било кога во однос на тие мали нешта. Но, 2020 засекогаш ќе остане како една од најтешките години во мојот живот, а и туѓите животи. Особено оние кои беа позитивни, а и оние кои изгубија драга личност во сето ова лудило.

Не знаеме што ќе ни донесе 2021 година, јас немам огромни надежи дека работите магично ќе се сменат на подобро. Ако нешто научив оваа година е тоа дека многу работи во нашиот живот зависат од самите нас – нашите мисли, нашето однесување, нашиот пристап кон проблемите. Самото носење маски и почитување на правилата го потврдува тоа. Личната одговорност е огромна како за пандемијата, но така и за нашите животи.

 Ние одлучуваме што ќе правиме со нашето слободно време, какви ќе бидат нашите навики и колку силно ќе дозволиме да нè удрат и остават долу проблемите. 

2021 нема да биде многу полесна година бидејќи таа ги носи последиците од сето она што се случуваше оваа година, но да пробаме да најдеме мал зрак светлина во она што доаѓа.