Терени за фудбал, одбојка на песок и баскет - Скопје доби нов уреден спортски комплекс на кејот Вардар

Во Скопје денеска во употреба беа пуштени реконструираните спортски терени на кејот на реката Вардар.

На настанот присуствуваше и министерот за спорт Борко Ристовски, со кого беше означен почетокот на користењето на обновениот спортско-рекреативен простор.

Од Град Скопје посочуваат дека уредувањето на кејот на реката Вардар е еден од приоритетите на градските власти. Проектот започнал со темелно чистење и уредување на просторот покрај реката, со цел повторно да се врати неговата функционалност и природен изглед.

Во рамките на реконструкцијата обновени се спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, поставена е нова урбана опрема, а се создаваат и фитнес-зони на отворено наменети за рекреација и физичка активност на граѓаните.

Со проектот се опфатени и спортските терени во Маџир Маало, кои ќе бидат целосно обновени и повторно ставени во функција на локалната заедница.

Како што најави градоначалникот на Град Скопје, во наредниот период е планирано уредување и на современа градска плажа покрај реката, која треба да биде безбедно и уредено место за одмор, спорт и дружење, со што, како што се наведува, Скопје ќе се доближи до современите европски урбани стандарди.

Градските власти потенцираат дека инвестирањето во спортската инфраструктура значи вложување во здрави навики, младите генерации и поквалитетен живот на граѓаните.