Тензично на денешната седница на Советот на Град Скопје - Се дискутира за (не)блокираната сметка

Координаторката на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, на денешната седница упати прашања до градоначалничката Данела Арсовска и мнозинството во Советот за тоа до каде е реализацијата на клучните капитални проекти во градот

- Каде се парите? Година и пол прашуваме и добиваме одговор дека ќе има реализација на проекти, па еве денеска пак прашуваме: До каде е изградбата на мостот Љубљанска за кој што имате 380 милиони денари пари од Владата? До каде е реконструкцијата на Универзална сала за којашто имате 120 милиони денари од Владата? До каде е изградбата на клучката кај Момин поток за којашто имате три милиони евра пари од Влада? До каде е реализацијата на Бас рапид транзит, до каде е реализацијата на пречистителната станица? До каде е изградбата на улиците „Васко Карангелевски“ и „Есенинова“? До каде се изградбите на кружните текови кај Нова Македонија, кај Државен завод за ревизија, оној во Ѓорче Петров и оној во Аеродром?, праша Јанчева.

Таа побара да бидат доставени и сметките на градот, за конечно се види дали Градот е навистина блокиран. 

Претходно од Град Скопје обвинија дека, како што велат, поради антинародната коалиција  ДПМНЕ - СДСМ во Советот на Градот Скопје, скопјани нема да добијат 50 нови, модерни и еколошки автобуси.

-  Градот ниту е пред банкрот, ниту ќе банкротира и прави се што е технички возможно да ги врати долговите кои ги наследил од претходните градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ кои работеле недомаќински и ги задолжиле скопјани за милионски суми, се вели во соопштението од Град Скопје. 

Јанчева, пак, рече дека Буџетот на Градот за оваа година е некаде околу 700 милиони денари, а дополнително, како што наведе таа, актуелната градска влас има наследено 13 милиони евра во градската каса.