Театарската претстава „Мојот маж“ утре ќе се изведе во Драмски театар - Скопје

Игор Ангелов, Сања Арсовска, Сара Климоска, Исмет Шабановиќ, Наталија Теодосиева, Филип Трајковиќ, Емилија Мицевска Трајковиќ, Трајанка Илиева - Велиќ, се актерите кои ќе ја изведат претставата „Мојот маж“, во Драмски театар, Скопје, закажана за утре (сабота, 10.12.2022), со почеток во 20 часот. 

Премиерно претставата беше изведена на 15-ти февруари, 2020 година. Режијата е на Нела Витошевиќ, а всушност се работи за колаж од расказите на Румена Бужаровска и авторски монолози 

-Драмската структура на театарската претстава Мојот маж е изградена од два меѓусебно испреплетени материјали, и тоа, драматизацијата на шесте раскази (Супа, Празно гнездо, Прељубник, Осми март, Гени и Лиле) и документарениот материјал произлезен од авторските монолози. Дејствата/состојбите од расказите на Бужаровска, како и документарниот дел (авторските монолози) тематски се цврсто поврзани со поднебјето и времето во кое се одигруваат, без притоа да се засноваат на дневно-политички актуелности. Расказите и авторските монолози имаат за цел да поттикнат надминување на стереотипите и предрасудите, и отворено инсистираат на судир помеѓу традиционалното и современото. Сега, денес, сеуште имаме потреба да се соочиме со сегашноста преку ревидирање на минатото.

Играно-документарниот пристап, како жанровска определба и драматуршко режисерски концепт, е сеприсутен на европските театарски сцени, но е кревок/редок пример на македонската театарска сцена. Играно-документарниот пристап нуди едно сосема ново, поинакво театарско искуство, кое предизвикува силни емоции и соочување со себе и од себе, со себе кон другиот, од другиот кон себе. Тоа е редок колективен чин кој не е приземно сентиментален и патетичен, туку напротив длабоко е емпатичен и хуман. Присутноста на театарска спонтаност (кај актерот и гледачот) доведува до ослободување и отвара простор за различна театарска перспективност - се вели во описот на претставата.