Театар, музика, литература – дел од „Скопско лето“

На конференцијата за медиумите, којашто се одржа денеска  во градската кафеана „Пелистер“, за годинешново издание на „Скопско лето“ Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Мирко Стефановски од Дирекцијата за култура и уметност, амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец, Едина Селесковиќ, како и Омер Фарук Текбилек, кој со својот концерт ќе го отвори фестивалот, ги изнесоа деталите за содржината на оваа меѓународна манифестација.

- Дирекцијата за култура и уметност на скопјани им нуди уметнички содржини коишто и оваа година, како и во изминатите 37 години, ќе ја збогатат културната понуда на град Скопје. И ова Скопско лето, во 40 програмски денови, преку најразновидни културни содржини и активности, Скопје ќе биде домаќин на уметници од 16 држави во светот, односно на музички настапи, ликовни изложби, театарски претстави, промоции на книги и други културни настани. Еминентни гости-уметници се тука за да стане нашиот град уште побогат со културни настани, а ние како публика сме овде да бидеме воодушевени од нивните изведби. Сите овие форми на уметничко изразување како веќе да се составен дел на градот. Градските локации: Камениот мост, Старата скопска чаршија, Сули Ан, заедно со другите градски локации, како заеднички да ја креираат магијата на творештвото, за да може маестралното да биде помаестрално. Ве поканувам сите да уживаме во топлото и културно богато „Скопско лето 2017“ - изјави градоначалникот Трајановски.

Мирко Стефановски од Дирекцијата за култура и уметност го изрази задоволството што успеале да го обезбедат Омер Фарук Текбилек да го отвори годинешново Скопско лето и дека тие како организатори на оваа манифестација се убедени дека неговиот настап ќе го обележи фестивалот.

Омер Фарук Текбилек (САД/Турција), кој со неговиот ансамбл во Македонска опера и балет ќе го отвори Скопско лето изјави дека е пресреќен и се надева дека тоа чувство ќе и го пренесе на публиката на утрешниот концерт, кој ќе биде колаж од фолклорна и романтична музика.

- Јас лично сум убеден дека музиката е најдоброто нешто што може да не сплоти сите нас. Сакам да потенцирам дека сум почестен и горд што јас ќе го отворам ова Скопско лето – рече Текбилек.

Едина Селесковиќ (Босна и Херцеговина), чија инсталација МИСЛИ СЛОБОДА ќе биде поставена на улица Македонија истакна дека овој проект е инсталација којашто поврза многу млади луѓе од различни професии.

- На околу 1 000 скулптури имаме пораки коишто покажуваат што тие мислат, чувствуваат и како ја доживуваат слободата – истакна Селесковиќ.

Амбасадорот на Словенија во Македонија, Милан Јазбец потенцираше дека соработката меѓу Македонија и Словенија трае веќе 25 години и по тој повод, во четврток на 22 јуни, ќе го одбележат тој ден во рамките на Скопско лето со настапот на рог групата Лачни франц на плоштадот Мајка Тереза, како и со изложбата на стрипови „Словенечкиот стрип од класици до иднина“ во фоајето на МОБ.

Под покровителство на Градот Скопје и Министерството за култура на Република Македонија, годинешното „Скопско лето“ ќе понуди околу 50 програмски содржини, концерти на класична, народна и џез музика, драмски, балетски и оперски претстави, изложби и филмски проекции, специјални проекти и премиери. Главниот град на државата ќе пулсира во ритамот на творечкиот немир и креативноста на домашните уметници, а Скопје и оваа година ќе биде домаќин на уметници од 16 држави од целиот свет.

Градот Скопје ги покануваат скопјани и гостите на Скопје да бидат дел од уште едно возбудливо издание на „Скопско лето“, кое е препознатлив културен белег на нашиот град и Република Македонија.