Тајната е во вниманието: Благодарение на овие 5 чекори стануваме поквалитетни пријатели (и луѓе)

Живееме во време во кое е сѐ потешко да се биде фокусиран на разговорите со другата личност. Во секој момент нашето внимание се пренасочува на известувањата кои ги добивама на паметните телефони и другите електронски уреди, а со тоа се намалува нашата способност вистински да го сослушаме другиот.

Колку пати сте биле сведоци на ситуација во која двајца пријатели се на кафе и секој од нив гледа во телефонот и едвај разменуваат по некоја реченица? Иако има бројни предности, технологијата може и да нѐ одвои од вистинските вредности и од основните човечки работи како слушањето.

Научниците дошле до заклучок дека човечкиот мозок не е во состојба со толку голема брзина да се адаптира кон технологијата со која го храниме. Со други зборови, тешко дека можеме истовремено да одговараме на е-пошта или на порака и да водиме квалитетен разговор, приватно или службено. Просто кажано, да слушаш некого не е исто што и навистина да го слушнеш (сослушаш).

Но и за тоа има решение. Еве како може да станете подобар слушател, од што ќе имате поголема корист.

Оставете ги своите проблеми на страна

Кога ја слушате другата личност, без разлика дали станува збор за работен или за приватен разговор, барем некое време морате себе и своите проблеми да ги оставите на страна. Имено, ако веќе на самиот почеток на разговорот, или дури и пред него, имате на ум дека вие први ќе го изнесете своето мислење и ќе го прекинете соговорникот, тогаш всушност вие го манипулирате разговорот и со тоа слушањето го ставате во втор план.

Слушајте за да научите нешто, а не поради љубезност

Луѓето често имаат чувство дека мораат да ја слушаат другата личност затоа што така налага бонтонот или начинот на кој се воспитувани, но притоа не сакаат навистина да го слушнат она што личноста со која што разговараат има да им го каже. Од секој успешен разговор треба да излезете со нова информација, а таа подразбира вистинско слушање.

„Ако го довршиме разговорот, а притоа не сме научиле ништо ново, тогаш не сме ни слушале“.

Поставувате прашања

Еден од најдобрите начини на кои ќе станете подобри слушатели и со кои ќе и дадете до знаење на другата личност дека навистина ја слушате, е поставување прашања на темата за која разговарате. Но, она што е исто важно е какви прашања поставувате. Препорачливо е да се поставуваат прашања од отворен карактер. Тоа се прашања кои почнуваат со прашалните зборови како, зошто, какво, колку и сл. и бараат одговори кои нема да завршат со „да“ или „не“, туку соговорникот ќе треба нешто дополнително да појасни.

Повторете го она што сте го слушнале

Комуникацијата е двонасочен процес и затоа и слушателот и говорителот треба да бидат подеднакво активни, со тоа што и слушателот во одреден момент мора да стане говорител. Така ќе проверите дали навистина сте го слушнале она што треба или буката во комуникацискиот канал делумно ја променила пораката. Воедно, на овој начин другата личност ќе види дека цело време активно сте слушале.

Притоа може да се служите со асеративни пораки, односно пораки со кои ги покажуваме своите чувства, но и ѝ даваме на другата личност на знаење дека сме ја слушнале и дека ги разбираме нејзините потреби или проблеми.

Чекајте соговорникот да заврши

Пред да започнете со повторување на она што сте го слушнале, почекајте соговорникот да ја заврши својата мисла. Така ќе покажете дека го почитувате неговиот живот, неговите чувства и неговите мисли и со тоа се ставате во негова кожа.