
Американската администрација најави дополнителни три милијарди долари за развој на рударски проекти со цел САД да ја намалат зависноста од Кина за критичните минерали. Од целиот пакет, најголемата инвестиција – една милијарда долари – е наменета за проект за ископ на бакар. Ваквите потези ја потврдуваат сè поголемата геополитичка и економска важност на бакарот.
Додека САД и другите големи економии ги зголемуваат инвестициите во нови рудници, Македонија сè уште не ги активира своите домашни потенцијали. Проектот Иловица–Штука, вреден над 350 милиони евра, останува единствената значајна најавена инвестиција во нов рудник за бакар во земјата.
Според истражувањата објавени од „Еуромакс Ресоурцес“, наоѓалиштето има над 700.000 тони руден концентрат и потенцијал за производство и извоз на повеќе од 10.000 тони бакар годишно во период од две децении. Во услови кога цената на бакарот надминува 14.000 долари за тон, глобалната трка за овој метал станува сè поинтензивна. Прашањето е дали Македонија ќе биде дел од таа трка или ќе продолжи да ги остава сопствените ресурси надвор од економска функција.
„Ги враќаме рударите назад на работа и ја потврдуваме позицијата на Америка како светска минерална суперсила. Голем дел од затворените рудници повторно ќе се активираат, а и многу нови рудници се градат. Во последните 18 месеци нашата администрација потпиша и одобри 160 договори за ископ на минерали, во вредност од 40 милијарди долари. Затоа, сега во САД се отвораат рудници на брза трака. Ова не се случило од 50-тите години на минатиот век“, изјави Трамп.
Најавувајќи ги новите три милијарди долари во инвестиции, претседателот кажа дека критичните минерали се суровините на американската сила коишто напојуваат сè - од напредно оружје до автомобили.
„Експорт-импорт банката работи да обезбеди повеќе од една милијарда долари за да го финансира проектот за бакар „Санта круз“ во Аризона, еден од најголемите во светот“, истакна Трамп.
Според него, пред да го преземе кабинетот, федералните дозволи во рударството се издавале за три до пет години, но сега се потребни само 25 дена. За ваквите искуства посведочија и дел од присутните инвеститори.
„Го вративте рударството во Америка. Сакам да ви се заблагодарам на поддршката. Јас го предводам проектот Resolution copper, кое е едно од најголемите наоѓалишта на бакар во светот. Се наоѓа во Аризона, во пределот наречен „бакарниот коридор“. Ние веќе инвестиравме три милијарди долари и сме подготвени да стартуваме. Но, започнавме со барања за дозволи во 2005 година и ако не беше оваа администрација, ние немаше да ја преминеме финалната линија на почетокот на годинава. Сега имаме вработено четири илјади рудари и се надеваме на уште поголема соработка со образовните институции и новите кадри“, изјави генералниот менаџер на Resolution copper, Викторија Писи.