
Вчера попладне на улицата Васил Ѓоргов, кај трговскиот центар „Зебра“ во Скопје, црн џип удрил во жена на пешачки премин.
Веднаш по несреќата на местото пристигнала Брзата помош, која ја пренела повредената во болница. На местото бил присутен и возачот на џипот, кој разговарал со полицијата додека се вршел увид.
Скопјанка, на социјалните мрежи го сподели своето сведоштво за овој несреќен настан. Како што вели, жената која минувала на пешачки заедно со своја другарка, разговарална на телефон и бавно се движела, а возачот бил потресен од инцидентот.
Ви го пренесуаме во целост нејзиното сведоштво:
„Бев сведок на овој настан. Се случи попладнево кога се враќав од работа. Пред мои очи. Бидејќи ја пропуштив девојката да помине пред мене. Иако беше на пешачки, главата ѝ беше наведната надолу и си муабетеше безгрижно на телефон, без да гледа ни право, а камоли лево или десно.
За жал, се случи на пешачки – од колата во спротивната страна. Не знам како човекот не ја виде девојката, но таа буквално се удри во него странично. Воопшто не гледаше каде оди.
Ми беше жал за човекот, затоа што сега тој ќе го крка. Излегов и искоментирав: зошто еднаш не ги остават тие телефони кога поминуваат преку улица? Девојката до неа (мислам дека ѝ беше пријателка) рече: „Па на пешачки е“, а и таа држеше телефон на уво.
Ако се на пешачки, тоа не им дава за право да преминуваат улица како муви без глава! Шоферот е крив, затоа што се случи на пешачки, ама и таа е. Како може да се лупнам во кола пред мене, а да не ја видам?
Не го бранам шоферот, но девојката воопшто не гледаше пред себе! Кога ќе почнат да се казнуваат и пешаци кои преминуваат и зборуваат на телефон?
Човекот беше премногу потресен, а таа беше исплашена, односно шокирана, бидејќи не знаеше што ја снајде. А таму, во тој момент, воопшто не се возеше брзо!
Дајте, престанете вината само во возачите да ја барате! Гледајте каде одите – па и на пешачки! Во прво одделение не учеа: пред да преминеш улица, се погледнува на лево, па на десно, па потоа се преминува улицата!“
Засега нема официјални информации од полицијата за тежината на повредите, ниту за околностите под кои дошло до несреќата.