Свадбени обичаи во Скопје (фото)

Сеќавање на свадбените обичаи во старо Скопје - обично девојките се мажеле со помош на наводаџии. Многу важна улога на самата свадба играле кумот и деверот. Деверот ги “плаќал” чевлите на невестата во нејзиниот дом кога ја земале  за венчавање. Таа пред него ги пробувала и велела дека не и се точни, а деверот ги земал, ги вртел  трипати во рака, божем не ñ влегуваат и откако ќе ги “плател”,  односно ќе ги наполнел со  пари, таа ги облекува.

Побогатите семејства до црквата на венчавка оделе со пајтон, а посиромашните пешки. На чело на колоната до црквата оделе свирачи. Кумот бил многу ценет од младоженците и го сметале  за нивен духовен татко. На самата венчавка кумот им ставал  на младоженците платно преку рацете кои им се вкрстени, со симболика вечно да останат “врзани” заедно. Тие пак кумот и кумата ги дарувале со бовчалоци. По вртењето околу олтарот над младоженците се фрлале бонбони и леблебии, со симболика да имаат плоден брак. Свадбата продолжува со веселба која најчесто била дома кај младоженецот.

Во понеделникот, по свадбата, жените оделе на блага ракија ритуал проследен со шеги на сметка на првата брачна ноќ -  на свекрвата и се горат гаќите и невестата ги послужува со чашка црвена ракија. Симболиката на овој чин е чесноста на невестата.

 Пред свадбата кога невестата со другарките одела на капење во Бања, таа со неа носела и погачи и други јадења, а другарките носеле дајриња па  играле  ора , а на невестата и ставале к'на.

По свадбата Ганка памети дека кога влегла во дворот, на свекорот кој седел на стол како и на свекрвата  им бакнала рака  и им дала бовчалок, а на свекрвата одзади и пуштале вода викајќи “ Ау, се измоча свекрвата”.

 Често младите брачни двојки се запознавале на баловите во Офицерскиот дом. Во салата на една страна седеле девојките облечени во долги свечени фустани, а на другата момчињата во фракови. Ако некое момче сакало  да игра со некоја девојка,  морал да го замоли за дозвола нејзиниот  татко. Елена го запознала својот сопруг на излет, а средбата била со стројници. Веридбата ја прославиле дома, иако многу граѓани ја славеле во Офицерскиот дом. На веридбата Елена ги дарувала сватовите со бовчалоци, а неа сопругот со злато. Пред свадбата девојката одела на бања со другарките, каде што ги послужувала со погача и кашкавал. Свадбата на Елена со Атанасие Атанасиевиќ била во хотелот Бристол. Фустанот на Елена бил изработен од кипер чипка и капче изработено од познатите скопски шапкарки Лујза и Јелена. Свадбените слики ги направиле кај познатиот фотограф Ковалски. За свадбата на Елена, татко í изнајмил автомобил, украсен со вештачки цвеќиња,со кој се возеле од црквата до хотелот.   

Свадбите најчесто се правеле дома. Во дворовите биле поставувани маси. Храната за свадбата ја правел изнајмен готвач, а ја служеле момчиња со бели престилки. За појадок на сватовите се меселе пити и кисело млеко.