Судијата Туфегиќ побара од обвинителите во Таргет-Тврдина да бидат поконцизни заради забрзување на процесот

Со сослушување на сведокот Сашо Трајковски, вработен во УБК, во Кривичниот суд продолжи рочиштето за предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО.

На прашање на обвинителот Артан Ајро, сведокот во однос на капацитетите за следење на системот Верин и Најс односно за можноста за маркирање броеви, рече дека за првиот не може да се сети, додека, пак, на Најс капацитетот бил 20.000 броеви.

– Со оглед на тоа овој систем со телефонските оператори се поврзуваше со медијациски уреди и реално овој број максимум беше 2.500 таргети, појасни Трајковски.

Сведокот рече дека  присуствувал при маркирање на броеви од страна на маркирачите и дека директорот на УБК Сашо Мијалков и началникот на Петтата управа имале компјутери кои биле поврзани со системот Најс.

– Постоеше група на корисници која се викаше „ВАЖНО“ каде имаше тројца корисници.  Можевме да видиме дека се пристапува од канцелариите на директорот на УБК и началникот на Петтата управа, рече Трајковски.

Судијата Владимир Туфегџиќ им се обрати на обвинителите дека треба да преземат нешто околу прашањата, односно да бидат поконцизни, а одговорите пократки, бидејќи, според него, судењето се одолговлекува, а, како што рече, во последните денови судот е изложен на критики поради некои судски постапки и конкретно оваа. Судијата потенцира дека членови на СЈО токму вчера и пред неколку дена реагирале на спороста во постапката на „Таргет-Тврдина“.

Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.

Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.