Судењето за Груби започнува на 24 август

Судењето за случајот „Лотарија“, во кој меѓу обвинетите е и поранешниот вицепремиер Артан Груби, ќе започне на 24 август во 10 часот, соопшти Кривичниот суд.

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против осум лица, кои се товарат за злоупотреба на службената положба и овластување. Според Обвинителството, во случајот е причинета материјална штета од 507.632.173 денари.

Обвинителството побара 30 дена притвор за поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој е во бегство. За Артан Груби е предложено продолжување на куќниот притвор, додека за останатите обвинети се предложени други мерки на претпазливост, меѓу кои редовно јавување во Судот, одземање патни исправи и забрана за контакти со одредени лица.

Груби веќе шести месец е во куќен притвор. Од Кривичниот суд појаснуваат дека, по поднесувањето на обвинителниот предлог, согласно Законот за кривичната постапка, мерката може да трае најдолго уште 60 дена од денот на поднесувањето на предлогот до завршувањето на главната расправа.

Во обвинението, Обвинителството тврди дека обвинетите биле свесни дека Државната лотарија немала право самостојно да приредува електронски игри на среќа преку видеолотариски терминали, бидејќи тоа право претходно било внесено како непаричен влог при основањето на Државна видеолотарија со „Касинос Австрија“. И покрај тоа, според обвинението, во 2023 година биле преземени активности за Државната лотарија повторно да започне со самостојно приредување на електронски игри на среќа.

Обвинителството тврди и дека информацијата со која се предлагаат овие активности била внесена како дополнување на дневниот ред на владина седница, иако, според обвинението, за нејзиното разгледување не била надлежна Владата во својство на Собрание на Акционерското друштво.

Сега случајот влегува во судска фаза. На 24 август ќе започне главната расправа, а за Груби истовремено продолжува да тече рокот во кој може да биде задржан во куќен притвор.