Студиите во странство не се проблем, проблем е кога младите не гледаат причина да се вратат

Сè поголем број млади од Македонија се одлучуваат своето образование да го продолжат надвор од земјата. Студирањето во странство им отвора можности за стекнување нови знаења, искуства и контакти, но истовремено го отвора и прашањето што се случува откако ќе го завршат образованието.

Дали стекнатото знаење и искуство младите ќе го применат во Македонија или студирањето во странство ќе биде првиот чекор кон нивно трајно заминување?

Според проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска, редовна професорка на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, која 25 години работи во областа на педагошките науки, самото студирање во странство не треба да се гледа како негативна појава.

Клучното прашање, според неа, е дали Македонија создава услови младите по стекнувањето на образованието да се вратат и професионално да се реализираат во земјата.

На прашањето како да се гледа на трендот за заминување на студии во странство професорката Томевска-Илиевска одговара:

-  Сè поголемиот интерес на младите од Македонија за студирање во странство треба да се разгледува од повеќе аспекти. Самото заминување на млад човек во друга земја со цел да стекне образование, искуство и нови знаења не може да се оцени како негативна појава.

Напротив, студирањето во странство може да понуди значајни можности за академски и личен развој, запознавање со различни образовни системи, стекнување меѓународно искуство и создавање професионални контакти. Проблемот се појавува тогаш кога ваквото заминување станува трајно и кога голем број млади луѓе не гледаат причина или можност да го продолжат својот професионален и личен развој во Македонија.

За еден млад човек, студирањето во странство може да биде важна животна и академска школа. Тој има можност да се сретне со поинакви методи на работа, современи технологии, добро опремени истражувачки центри и различни академски средини. Животот во друга културна средина истовремено поттикнува поголема самостојност, одговорност и приспособливост.

Особено значајно е и создавањето контакти со студенти и професори од различни земји, кои подоцна можат да прераснат во професионални соработки. Оттука, не би било добро студирањето во странство да се гледа како нешто што треба да се спречува. Напротив, македонските студенти треба да имаат можност да се образуваат и да стекнуваат искуство во различни академски средини. Она што треба да нè загрижува е прашањето зошто значителен дел од младите, по стекнувањето на образованието, не ја гледаат Македонија како место во кое би можеле да ја продолжат својата кариера и да го применат знаењето што го стекнале. Во тој контекст, одливот на млади и образовани кадри претставува сериозен предизвик за државата.

Кога младите заминуваат не само заради квалитетот на образованието, туку и заради подобри услови за работа, поголема професионална сигурност и чувство дека нивниот труд ќе биде вреднуван, тогаш проблемот веќе не е само во високото образование.

Тој се поврзува со пошироките услови во општеството, со функционирањето на институциите, пазарот на трудот, можностите за професионален развој и довербата во системот. Млад човек кој завршил престижен универзитет во странство треба да има можност стекнатото знаење да го примени и во Македонија, доколку сака да се врати. Тоа подразбира функционални институции, фер и транспарентни критериуми за вработување, можности за професионален развој и средина во која знаењето и способностите навистина се вреднуваат.