Студентка во еден месец положила 14 испити, а паралелно студирала на додипломски и постдипломски - покажале контролите на МОН

Институт за бизнис економија во Скопје, Институт за геобиологија, археологија и подземни води во Скопје, Институт за мода и дизајн во Тетово се дел од 18-те затворени институти кај кои Министерството за образование и наука констатирало разни неправилности.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска синоќа во гостувањето во емисијата „Тема на денот“, за ТВ Сител изјави дека проверките кои ги направила комисијата при МОН покажале различни недостатоци – некаде не биле исполнети условите за научници кои треба да работат во институтот, некаде воопшто немало програма за научно-истражувачка работа, а имало и случаи во кои институтите биле сместени во несоодветни простории.

Три до четири институти, откако почнале контролите, сами затвориле, посочува министерката.

Кај универзитетите, како што појасни Јаневска, ситуацијата била малку поинаква – имало пријави за несоодветно трошење на средства од буџетот што го дава државата, пријави за неправилен упис, за фалсификувани дипломи, за назначување во несоодветно звање…

„За една приватна високообразовна установа имаме пријава до истражните органи и обвинителството за фалсификување диплома. На пример, студентка во еден месец положила 14 до 17 испити, а во истовреме студирала и додипломски и постдипломски студии. Тоа реално не е можно. Не сум слушнала никаде во светот да се положат во еден месец 14 испити и да се биде и на додипломски и на постдипломски студии“, рече Јаневска.