Студентите на УКИМ незадоволни од своите претставници, голем дел не знаат ни кој ги претставува

Студентите на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје во најголем број не знаат кој ги претставува, а голем дел пак не ни знаат кој сè е дел од студентските тела. 

Ова е генерално сознание од спроведеното истражување на Младинскиот образовен форум ѐа работата на Универзитетското и факултетските студентски собранија, насловено „Една година студентски претставници – Анализа на работата на студентските собранија при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). 

Според добиените резултати, многу студенти не знаат кој членува во студентските собранија и сојузи при самите факултети на кои студираат, а уште помалку за телата на ниво на Универзитетот. Анкетата на студентите е за периодот ноември 2019-ноември 2020, односно првата година по официјалното составување на првото универзитетско и факултетските собранија на УКИМ по воспоставувањето на новиот модел на организирање, согласно новиот Закон за високото образование.

Оние пак, кои имаат сознанија и информации за своите претставници, одговориле дека не се задоволни од начинот на кои се претставувани, но и дека овие тела функционираат нетранспарентно.