Стручни совети и препораки за родителите - Функционира „Инфо бебе“ линијата при Институтот за јавно здравје

Родителите во првите месеци и години од животот на своето дете често имаат бројни прашања поврзани со доењето, исхраната, негата и правилниот развој на бебето. За таа цел е наменета линијата „Инфо бебе“ на Институтот за јавно здравје, преку која родителите можат да добијат точни, навремени и проверени информации од стручни лица.

Преку оваа услуга, родителите можат да се информираат за правилното доење, исхраната и грижата за новороденчињата, како и да добијат одговори на прашања поврзани со растот и развојот на детето.

Од Институтот за јавно здравје посочуваат дека достапноста до стручни совети и препораки е важна за родителите да носат информирани одлуки и да обезбедат здрав почеток за своите деца.

Целта на „Инфо бебе“ е да им помогне на семејствата да добијат поддршка во еден од најзначајните периоди од животот на детето – периодот кога се поставуваат основите за неговиот понатамошен раст и развој.

Стручните совети, базирани на медицински препораки и докази, им овозможуваат на родителите полесно да се справат со предизвиците во секојдневната грижа за најмалите.