Стотина лица побарале лекарска помош во скопските болници

Стотина лица побарале лекарска помош во скопските болници и амбуланти по серијата земјотреси што вчера ги погодија Скопје и околината, пренесе ТВ Нова.

-Изминатото деноноќие помина со зголемен обем на работа, особено по 15.20 часот кога се зголеми бројот на пациенти и беа мобилизирани поголем број медицински лица. До 17 часот беа хоспитализирани 52-ца пациенти, кои беа прегледани и пуштени на домашно лекување. Бројот во текот на ноќта се зголеми до 21 часот и истиот достигна 70 лица. Немаше пациенти со животна загрозеност, воглавно се работеше за лица со полесни повреди што беа веднаш хоспитализирани. Клиниката успеа да се справи со бројот на пациенти, истакна доктор Никола Груев.

Тој додаде дека во болницата пристигнале пациенти со повреди по екстремитетите, но и такви кои биле прегледани поради голема вознемиреност по земјотресот.

-Задоволни сме како се справивме и се надеваме дека нема да се повтори. Важно е да не се крева паника во вакви ситуации, рече Груев.

Додаде дека тројцата пациенти што биле оперирани се во стабилна состојба и во моментов се наоѓаат во болница.