Стојкоски: Првата училишна спортска сала во Хром станува реалност

Општина Ѓорче Петров продолжува со успешно реализирање на проектот за изградба на првата училишна спортска сала во населба Хром. Денес, на терен, се поставуваат челичните решетки од кровната конструкција, што претставува еден од клучните чекори во завршувањето на овој долгочекуван објект, велат од општината.

„Ветувањето дадено пред жителите на Хром, денес е во процес на реализација. За првпат во историјата на оваа населба, учениците ќе добијат услови за спортски активности во модерна и опремена сала, која досега им беше недостапна“, изјави градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски.

Проектот за изградба на оваа сала чини 19.730.131,00 денари со ДДВ и освен простории за физичко образование ќе има гардеробери, санитарии и хортикултурно уредување на околниот простор.

„До сега, околу 40% од работите се успешно реализирани, вклучувајќи завршени темели и армирано-бетонски греди, што овозможи поставување на кровната конструкција. Овој проект е само еден во низата на значајни инвестиции на општина Ѓорче Петров, кои ја потврдуваат посветеноста на градоначалникот Стојкоски во подобрувањето на условите за живот и образование во општината“, се вели во соопштението.

Покрај изградбата на спортската сала, Стојкоски најави дека во подготовка е и проектот за доградба на училиштето, кој ќе обезбеди услови за едносменска настава – уште една важна иницијатива која ќе ја подобри образовната инфраструктура.

„Продолжуваме да работиме за иднината на нашите деца. Секоја инвестиција во образованието е инвестиција во подобра иднина за целата заедница“, додаде тој.

Со оваа инвестиција, Хром не само што добива спортска сала, туку и дополнителни можности за напредок во образованието на децата, се наведува во соопштението на општина Ѓорче Петров.