Стефковски: Загрижен сум за нашите деца кои ќе одат во градинката „Детска радост“

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски утрово во просториите на општината одржа прес-конференција на која информираше за новонастанатата состојба со детската градинка „Детска радост“.

-Сакам да ја информирам јавноста дека откако не успеаа да направат политички притисок врз мене за да ја поништам одлуката за разрешување на директорката на детската градинка „Детска радост“, Министерството за труд и социјална политика на 23 Мај, преку соопштение до јавноста информира дека ја одзема надлежноста на општината за вчера 26.05.2023 година до општина Гази Баба официјално да пристигне Одлука за одземање на надлежностите.

Веднаш сакам да истакнам дека оваа одлука донесена од страна на Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска е незаконита и политички мотивирана. Целокупната постапка за разрешување на директорката ја водеше управниот одбор на детската градинка согласно одредбите од Законот за заштита на децата, исто како и моето постапување со носење на одлуката за разрешување на директорката кое е врз основа на истиот Закон.

Изминатиот период до мене пристигнаа информации од повеќе вработени во Министерството за труд и социјална политика за кои веќе информирав во јавноста дека врз нив се врши сериозен притисок за носење на незаконита одлука за одземање на надлежноста на општината, а уште еден факт кој оди во прилог на тоа дека биле вршени притисоци на вработените е периодот од 10 дена, односно од 12 Мај датум на кој е доставено укажувањето до мене да ја вратам разрешената директорка, укажување на кое не е потпишан инспекторот кој ја водел постапката, па се до 22 Мај кога е подготвена одлуката за одземање на надлежноста во Министерството на која одлука истиот тој инспектор, сега е потпишан, објави Стефковски.

Стефковски кажа дека бил загрижен поради одлуката на Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска да ја врати разрешената директорка за директор на Детската градинка „Детска радост“.

-Со оваа Одлука, Министерката Јованка Тренчевска се става во директна заштита на незаконското работење кое е утврдено со ревизорски извештај направен од страна на независна лиценцирана ревизорска куќа. Загрижен сум поради тоа што нашите деца од понеделник ќе посетуваат градинка со која ќе управува директорка за која постојат докази за утврдени злоупотреби и законски прекршувања.

За мене е скандалозна одлуката на министерката Тренчевска, да ја врати разрешената директорка, без притоа Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување на корупција да се произнесат по наодите за прекршување на Законот. На министерката Јованка Тренчевска не ѝ значеше ништо тоа што синдикатот на СОНК даде писмена поддршка на одлуката за разрешување на директорката, ниту пак двете отворени писма едното потпишано од над 80 вработени во градинката и другото потпишано од над 100 родители на дечиња, вели градоначалникот на општина Гази Баба.