Стефковски: Времето на СДСМ во Гази Баба е завршено

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски вчера соопшти дека ќе се издаде Обврзница за брз развој на општината, по што пристигнаа критики од СДСМ.

Стефковски реагираше на критиките од СДСМ и кажа кои проекти ќе се реализираат преку издавањето на Обврзницата.

- Општина Гази Баба е тргната по патот на напредокот и развојот и од тој пат враќање назад нема. За повеќе од една година во општината се реализирани голем број на проекти, а само во првиот месец од новата година на територија на општина Гази Баба се започна со изградба на нови седум километри фекална канализација, изградба на пешачки патеки и асфалтирање на локални улици.

Дополнително, преку постапката за издавање на Обврзницата за брз развој се обезбедуваат финансиски средства за изградба на:

- Нова училишна зграда на ООУ Крсте Мисирков

- Две нови детски градинки

- Целосна изградба на фекалната канализација во Јурумлери

- Целосна изградба на фекалната канализација во Гоце Делчев

- Реконструкција на Културниот дом во Ченто

- Изградба на пречистителна станица за отпадни води во Црешево

- Изградба на други канализациони системи

- Изградба на локални улици

Граѓаните предолго чекаа и немаат повеќе време за чекање. Време е за брз развој на општина Гази Баба. Доколку СДСМ е толку загрижена за граѓаните и општина Гази Баба ги прашувам: зошто не обезбедуваат средства од буџетот на Република Македонија за изградба на новата училишна зграда на ООУ Крсте Мисирков, нешто што и СДСМ го ветуваше на граѓаните? Нема да дозволам поради своите деструктивни политики, СДСМ да го закочи брзиот развој на општина Гази Баба. Времето на СДСМ во Гази Баба е завршено, информира Стефковски.