Стефковски со јавен превоз во Загреб: И на Скопје му е потребна изградба на трамвај

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски ги боддри македонските репрезентативци на Светското првенство во ракомет во Хрватска. 

Престојот го искористи да се повози и со  јавен превоз низ Загреб.

- Една од добрите страни на Загреб е трамвајот со кој се обезбедува брз, ефикасен и еколошки јавен превоз. На нашето Скопје му е потребен нов концепт на организирање на јавниот превоз по примерот на европските метрополи, направи паралела Стефковски. 

Вели Загреб, Виена, Будимпешта, Белград, Истанбул, Прага, Варшава се само дел од светските метрополи кои имаат имплементирано јавен превоз преку трамвај.

- Лично сметам дека едно од решенијата кои би го решиле моменталниот хаос со јавниот превоз во Скопје е реализација на проект за изградба на трамвај. Ако се земе предвид фактот дека еден трамвај заменува до 40 возила тогаш овој проект за Скопје ќе значи и сериозно намалување на гужвата во сообраќајот на која секојдневно сме сведоци, вели Стефковски и додава: 

- На Скопје му требаат промени кои ќе донесат нов систем на функционирање на главниот град по примерот на најразвиените светски метрополи.Нашето Скопје заслужува да биде европска метропола. 

Како што изјави Стефковски за Скопје Инфо, тој во Хрватска ќе биде и денеска и во црвено-жолти бои ги бодри нашите ракометари. 

- Потребна е голема поддршка за нашите ракометари за саботниот натпревар против Франција. Останувам тука до сабота, бидејќи ракометарите ја заслужуваат нашата поддршка поради нивната борба на теренот, истакна Стефковски во куса изјава за Скопје Инфо.