
Во време кога најмногу се чувствува топлината на празниците, хуманоста и солидарноста добиваат уште подлабоко значење. Велигден не е само симбол на радост, туку и потсетник дека вистинската вредност е во тоа да се грижиме едни за други. Заедно со градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски посетивме повеќе семејства на територија на општина Гази Баба, носејќи не само помош, туку и внимание, разговор и човечка блискост. Секој дом што го посетивме ни покажа дека малите гестови можат да направат голема разлика, сподели денеска градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Посочи дека доделиле пакети со храна, оценувајќи го гестот како скромен, но искрен знак на поддршка во пресрет на празниците.
„За некого тоа е помош, но за сите нас тоа е потсетник дека никој не смее да биде заборавен, особено во денови кога семејството и заедништвото се најважни. Во овие празнични денови, секоја подадена рака значи надеж, секоја насмевка значи сила, а секој чин на добрина остава трага што долго се памети. Хуманоста не се мери со големината на дарот, туку со искреноста на намерата“, вели Стефковски.
Тој исто так адодаде дека олидарноста е темелот на едно здраво и силно општество и кога сме тука еден за друг, кога не ги затвораме очите пред туѓата потреба, тогаш вистински го живееме духот на празниците.
„Подадената рака денес значи надеж за утре. Тоа е порака дека заедно можеме повеќе, дека заедно сме посилни и дека човечноста секогаш треба да ни биде водилка. Во оваа насока, ќе продолжиме со активности што носат вистинска вредност – да помагаме, да поддржуваме и да создаваме општество во кое секој човек се чувствува виден, почитуван и прифатен“, порача градоначалникот.