Стефковски и Ѓорѓиевски дел од голема еколошка акција - садеа дрвца во Парк шумата Гази Баба на локација која беше опожарена летово

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска сподели дека заедно со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски земале активно учество во голема еколошка акција за засадување на нови садници, со јасна цел – обнова и заштита на природата и создавање поздрав животен простор за сите граѓани.

Во рамки на акцијата биле засадени вкупно 1.500 медоносни садници од видовите јасен, багрем и јавор, кои имаат големо значење за подобрување на квалитетот на воздухот, збогатување на биодиверзитетот и поддршка на пчелниот фонд.

Садниците, како што нагласи Стефковски, се обезбедени преку донација од задружението Сојуз на ротари клубовите во Македонија, на кои им изрази искрена благодарност.

Засадувањето се реализираше во Парк шумата Гази Баба, на локација која беше сериозно погодена и опожарена во текот на летниот период.

„Како дел од нашите напори за ревитализација и враќање на зеленилото таму каде што беше уништено, со оваа акција испраќаме силна порака дека природата може и мора да се обновува, доколку сите заедно покажеме одговорност, солидарност и грижа кон животната средина“, истакна Стефковски.

Во активноста учествуваа бројни волонтери, претставници на институции и граѓани, кои со својот личен ангажман покажаа дека заедничката акција е клучна за позитивни промени, додава тој.

„Грижата за природата е грижа за иднината на нашите деца, а ваквите акции се чекор поблиску до позелено, почисто и поубаво Скопје. Заедно градиме одржлива и еколошки свесна заедница“, порача Стефковски.