Ставрески: Филмот "Исцелител" доживува неверојатен успех и надвор од тоа што го очекувавме

“Овие десет месеци филмот доживува неверојатен успех и надвор од тоа што го очекувавме и тоа се случува на повеќе полиња. Важно е дека публиката го засака филмот. Имаме преку 22. 500 гледачи во Македонија, изјави за “Вечер“, Ѓорче Ставрески режисерот на “Исцелител", филм што деновиве беше избран за македонски кандидат за престижната американска награда “Оскар“ за филм од неанглиско подрачје.

Инаку, македонскиот режисер деновиве е во Битола, каде што е дел од меѓународното жири на 39. ИФФК “Браќа Манаки“.

Што се однесува до фестивалите на кои за овие 10 месеци отиде “”Secret Ingredient“ или “Тајната состојка“ како што е неговиот англискиот наслов, режисерот Ставрески посочи дека станува збор за преку 26 фестивала, каде филмот добил 10 интернационални награди од кои речиси 6 за најдобар филм.

“Станува збор за реномирани фестивали, и тука се Бергамо, Солунскиот фестивал, филмскиот фестивал во Санта Барбара“, истакна Ставрески заблагодарувајќи се на ДФРМ и комисијата која одлучувала за кандидатурата.

“Деновиве дојде и кандидатурата за Оскар, меѓутоа шансите за номинација се многу мали. Сепак, тоа може да ни помогне за дистрибуција на филмот во Америка што значи дека е речиси исто како и да си се номинирал за Оскар. Ако успееме да се номинираме, тоа ќе претставува прекрасна промоција за Македонија”, додаде тој.

Инаку, во “Исцелител“, кој балансира меѓу семејна драма, црна комедија и социјален коментар, Веле (Благој Веселинов) е механичар од железничко депо, кој немајќи пари да купи лекови, му дава на татко му Саздо (Анастас Тановски) колач направен од украдена марихуана за да му ги ублажи болките од рак. Дејството се развива кога Веле е притиснат од криминалците кои си ја бараат дрогата назад, но и од соседите-душкала, кои во него гледаат исцелител.

Улогите ги толкуваат: Благој Веселинов, Анастас Тановски, Аксел Мехмет, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Диме Илијев, Симона Димковска, а Ставрески се јавува и како сценарист и продуцент, камерман е Дејан Димески, а монтажата е на Мартин Иванов. Премиерата на “Исцелител“ беше во ноември 2017 на Солунскиот филмски фестивал, каде филмот ја освои наградата од публиката, што е прв македонски филм со такво постигнување. Македонската премиера, пак, се случи истиот месец, малку подоцна, на затворањето на 16. издание на Фестивалот на европски филм “Синедејс“.