Ставен е под контрола пожарот кај Катланово - Паника поради близина на бензинска пумпа

Ставен е под контрола пожарот кој вчера попладне избувна помеѓу Катланово и Петровец. Пожарот вчера почна да се шири кон бензинската на Окта после тунелот Катланово во правец кон Скопје. 

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов синоќа во видео-изјава посочи дека пожарот е пресечен и не претставува закана за бензинската пумпа која е во близина.

„Пожарот кој што изби помеѓу Катланово и Петровец во близина на безинската пумпа е делумно локализиран, односно е пресечен и не претставува опасност за блиската бензинска пумпа. Се движи кон село Чифлик, а на негово ставање под контрола работат скопските пожарникари. Рано наутро ќе се упати и ер-трактор, а ќе упатиме и неколку возила. Се работи за непријатен пожар кој се наоѓа на непристапно место, но верувам дека утре пожарникарите ќе го стават под целосна контрола. Видлив е од автопатот и предизвикува вознемиреност, но граѓаните да не се плашат бидејќи не може да ја зафати бензинската пумпа“, изјави Ангелов.

Од Центарот за управување кризи утрово информираа дека овој пожар каде гореше ниска вегетација е ставен под конторла, а под контрола е и пожарот кај селата Средно и Долно Коњаре каде гореше мешана шума, исто така во Петровец. 

Од ЦУК утрово информираа дека има осум активни пожари на отворено, а регистрирани се вкупно 51 за едно деноноќие