Станови во Скопје се бараат „како алва“ - затоа и толку многу ги има!

Пописот потврди - зголемен е бројот на станови во Скопје. На подрачјето на Скопје има вкупно 213.850 станови што е пораст во однос на 2002 година за 30,6%.

Ова е логичен податок, коментираат граѓаните, со оглед дека сите кои се преселуваат во Скопје сакаат да го решат и своето станбено прашање, па така побарувачата за станови е навистина голема.

Бисера П. од Кочани вели дека нивното семејство се одлучиле да инвестираат во купување на нов стан во главниот град.

Причина за тоа било што едното нивно дете е на студии во Скопје, а за некоја година и другото дете веројатно ќе се одлучи за студирање во Скопје.

-Плативме учество, а со парите кои би плаќале кирија за нашиот студент ќе ја покриваме месечната рата за исплата на станот во Кисела Вода. Кога ги направивме пресметките, за кирии за четири години за едниот, а потоа уште минимум четири за другиот студент, решивме да инвестираме во сопствен стан кој во иднина ќе го користат децата ако останат тука да работат или би го издавале под кирија, го сподели таа својот став.

Внатрешната миграција си го направи своето, па така Скопје е и побројно со жители.

Голем број луѓе од сите македонски градови доаѓаат во Скопје со цел подобра егзистенција, а оние кои се во финансиска можност инвестираат во сопствено живеалиште.

-Скопје нуди голем број можности. Тука ми тргна кариерата, па со помош на моите родители инвестиравме во сопствен стан кој ќе го отплаќам цела деценија, но на крајот ќе биде мој, нема да плаќам кирија и да живеат под туѓ покрив, вели 33-годишната Бети од Гевгелија која во Скопје работи како правник.

Дел Скопјани негодуваат што во Скопје не останува слободна педа од новите згради кои никнуваат за екстремно брзо време. -Инвеститорите за кратко време успеваат да ја изведат градбата, затоа што веќе зеле дел од парите, па така само во мојата населба за неколку месеци се кренаа неколку нови згради, а гледам дека полека почнаа и со вселување новите станари. Станови во Скопје се бараат „како алва“, вели еден скопјанец.

-Немам ништо против, само треба да се гради разумно, да има слободен простор за движење, апелира тој.