Станови, вили, оружје: Колку тежат пратениците од владеачката коалиција

Станови, деловни објекти, банкарски книшки, скапи автомобили, земјишта, странски депозити… од скромни до поимотни се Анкетните листови на пратениците од владејачката партија СДСМ.

Дел од недвижниот имот на некои од пратениците, се води на име на родители или брачен партнер, додека некои имаат и многу богати деца.

Според анкетниот лист, пратеничка од СДСМ и координаторка на Форум на жени Снежана Калеска Ванчева, пријавила два стана, земјиште, куќа со двор, златен накит во вредност од 250.000 денари, девизни сметки, додека пак нејзиниот сопруг има удели на хартии од молвредност. А Калеска Ванчева се подновила и со нов автомобил марка Ауди А6 2020 година, во вредност од скоро 50.000 евра.

Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зеќири пријавил дека од личен имот поседува само стан во Скопје од 3.813.000 денари и автомобил марка Мерцедес 220ЦДИ во вредност од 553.500 денари. Семејството Зеќири поседува три куќи, два стана, банкарски депозити, моторни возила, златен накит, но сето ова е пријавено како имот на брачен другар, како и имот на брат.

За екс директорот на Агенцијата за млади и спорт и актуелен пратеник од СДСМ, Дарко Каевски може да се каже дека е еден од поимотните млади пратеници, бидејќи како што може да се забележи од неговиот анкетен лист, Каевски поседува три стана во Скопје, куќа, неколку девизни и денарски штедни книшки, градежно земјиште во Волково и нива во општина Петровец.

Без становите, куќата и деловниот простор кој е пријавен како имот на родители, вкупната вредност на се останато кое го поседува Каевски е во вредност само 85.000 евра.

Од друга страна пак, портпаролот и пратеникот од СДСМ, Костадин Костадинов, во анкетниот лист пријавил дека поседува само едно моторно возило Пежо и една денарска платежна картичка.

Дел од медиумите пренесуваа дека пратеникот живее во вонбрачна заедница во заеднички стан во Џевахир скај сити, кој како што пренесуваа умислено го купил на име на неговата девојка.

Ако се земе во предвид ова, и фактот дека во анкетниот лист изостанува имотото на неговото семејство, се поставува прашањето дали Костадинов свесно го сокрил имотот кој го поседува неговото семејство, а во насока на неоткривање колку всушност “тежи“?

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, како имот на неговото семејство пријавил две земјишта во вредност од над еден милион денари во Струга, куќа 243 метри квадратни во вредност од 4.500.000 денари во Струга, викендица во Струга од 130 метри квадратни во вредност од 600.000 денари, лозје од 1.780 метри квадратни во вредност од 1.000.000 денари, додека тој лично и неговата сопруга поседуваат три моторни возила од кои и џип Сузуки Гранд Витара, удели и денарски депозит.

Коалицискиот партнер на СДСМ, и лидер на БЕСА Биљал Касами според анкетниот лист лично не поседува никаква недвижност, а од личен имот има побарување по основ на даден заем во износ од 2.632.562 денари и две трансакциски сметки за банкарски депозити за кои нема наведено вредност на износите кои ги поседува. Се останато, како две земјишта во Тетовско во износ од над 4.000.000 денари и над 2000 метри квадратни, куќа во вредност од над 8.000.000 денари од 525 метри квадратни и златен накит од над 1.000.000 денари, како и побарувања во износи од над 4.000.000 денари кои ги пријавил како имот на неговите родители.

Слично како лидерот на БЕСА Биљал Касами, е и пратеникот на БЕСА и поранешен градоначалник на Арачиново Бастри Бајрами, кој според анкетниот лист не поседува никаква недвижност и од личен имот има пријавено само две трансакциски сметки за кои нема наведено износ на парични средства, и два ловни карабини и пиштол за кои нема наведено како ги стекнал. Според анкетниот лист, како деловен простор од 1700 метри квадратни во вредност од 31.365.000 денари, земјиште во Скопје од 530 метри квадратни со вредност од 4.889.250 денари, двор од 150 метри квадратни и куќа од 115 метри квадратни во вредност од скоро 5.000.000 денари Бајрами ги пријавил како имот на неговиот брачен другар и имот на неговите родител.

Семејството Бајрами, иако поседува 3 моторни возила во вредност од над 20.000 евра и има приход по основ на закупнина на месечно ниво од 170.000 денари, тој лично не поседува никакво моторно возило. Неговата сопруга има две трансакциски сметки на кои не е наведен износот на паричните средства.