Стаменов го сподели своето искуство: Се збогатиле само тие на бината, овие другиве кој продал нива, кој куќа, кој потонал во кредити

Хуманитарецот и основач на невладината организација „Донирај компјутер“ Борче Стаменов кој инаку работи како програмер на својот фејсбук профил сподели за своето искуство слично на она кое многу Македонци го доживеаа изминатиот викенд, а е вразно со скандалот „Конти“

Стаменов всушност преку своето искуство ја раскажа „шемата“ преку која некој се богати, а некој осиромашува. 

- Еднаш коа бев мал излезе нешто налик ова шо денес го викаат конти. И некои луѓе шо сеа не ги ни памтам кои беа, беа доста упорни за да ме зачленат. Тогашно време чипот беше 250 евра, но за презентација не наплаќаа. А ај, си викам ќе отидам да видам шо и да е тоа. Отидов во Скопје со тогашната девојка, седнавме у тоа салата и чекавме да почнат да врнат пари. Шега на страна имаше 400-500 души. Пола ние шо не знаеме кај сме, половина од тие шо требаше на регрутираат. Испаднаа едни со микрофони и слушалки во уво, кажаа два-три збора, нешто разбрав, нешто не и за некоја минутка се фатија тие четворица на бина за раце и почнаа да урлаат на цел глас:

- Зошто сме овдеееее???

Овие "искусните" не фатија нас кои бевме нови за раце, ни покажаа со глава дека треба да станеме и почнаа да урлаат на цел глас:

- За евраааааааааааа, могуууу евраааа.

Цело тоа ми личеше како некоја секта која се спрема да жртвува некого. Дочекав да се приберат на умот, станавме ко да идеме у веце и со трчање избегавме од таму. После пола година разбрав дека од тие шо не регрутираа нас и тие на бина, се збогатиле само тие на бината. Овие другиве кој продал нива, кој куќа, кој потонал у кредити и така натаму.

Ја одма после состанокот се вработив. И еве од тогаш 22 години платата секој месец ми легнува на сметка. М, да, гласи објавата на Стаменов која е кратка, јасна и со голема поента.