Стаменковска: Сомнеж за предизборен поткуп во Општина Бутел

Состојбата во јавниот сектор не била никогаш полоша. Овие изминати три години, јавните институции, како на државно, така и на локално ниво, се целосно разградени. Наместо реформирање во модерен и ефикасен сервис на граѓаните, тие од страна на функционерите на СДСМ се брутално партизирани и трансформирани во алатка за организирано и оркестрирано вршење притисок врз сите оние кои размислуваат поинаку.

Ова денеска го изјави дополнителната заменик министерка за информатичко општество и администрација во врска со зголемените трошоци за привремени вработувања во 2020 година на Општина Бутел.

– Денеска сум во Бутел, уште една општина заробена од Зоран Заев и СДСМ. Секоја година оваа општина сработува сè помалку за потребите на граѓаните, додека во исто време троши сè повеќе и повеќе буџетски средства наменети за партиски вработувања, рече таа.

Наведе дека за привремени вработувања Општина Бутел потрошила во 2018 година приближно 17 милиони денари, а предизборно, како што рече, во тековната 2020 година потрошила дури 28 милиони денари.

– Она што е забележително, во претходниот договор се плаќале 0,2 отсто од бруто платата на вработените како надоместок за давателите на услуги, додека со последниот договор се плаќаат цели 10 отсто или 45.000 евра, истакна Стаменковска.

Според неа, овие податоци укажуваат на сомнеж за предизборен поткуп, односно дека СДСМ во Општина Бутел спроведува изборна корупција и поткуп на гласачи и оти централната власт и инспекциските служби, наместо да го испитаат овој случај за енормно зголемување на трошоците за вработувања во предизборниот период, како што посочи, тие се со изгубен интегритет и непостапувајќи се приморани од власта да бидат соучесници во овој процес.

– Сомнителноста и сериозноста на овој случај се уште поголеми ако се земе во предвид и фактот дека Општина Бутел во истиот период го зголемила и бројот на редовно вработените, и тоа за дури 10 проценти, односно од 586 вработени колку што имало на почетокот на 2017 година, денес има 643 вработени на почетокот на оваа година. Очигледно е дека ваквата потреба за огромните буџетски трошоци за привремени вработувања во изборна година и во услови кога и редовните вработувања на општината се зголемени, не е реална, туку политички мотивирана. Ова е сликата на јавниот сектор во Република Македонија во рацете на режимот на СДСМ. На јавниот сектор итно му е потребна обнова. Ваквите случаи детално ќе ги испитаме и за злоупотребите ќе има одговорност. На тоа се обврзуваме, посочи Стаменковска.