ССМ ги повикува сите работници да се приклучат на протестот на 1 Мај

Сојузот на синдикати на Македонија ги повикува сите работници да се приклучат на протестот најавен за 1 Мај-Меѓународниот ден на трудот поради неусогласувањето на останатите плати со минималната плата.

Од ССМ денеска посочија дека повеќе од 700 000 работници во државата се директно засегнати од потребата за зголемување на нивните плати.

– Борбата за достоинствени плати се пренесува на улица, а од сите зависи колку гласно и колку јасно ќе биде упратена пораката дека платата треба да се зголеми веднаш, велат од ССМ.

Од ССМ бараат линеарно зголемување на платите за најмалку 2.806 денари во нето износ во јавниот и во приватниот сектор од 1 мај годинава.

– Нема оправдување секој оној кој на 1 мај ќе реши да оди на пикник, викенд или ќе остане дома, место да излезе на протест, зошто таму нема никој да го слушне и да го види дека му треба поголема плата, а на таков начин не си помага ниту себеси ниту на другите. Порачуваме дека не е време за салата и скара, борба е за твојата плата и за работнички права, ако не се бориш за себе и имаш добра плата, треба да бидеш солидарен и да се бориш за тие околу тебе кои немаат добра плата и немаат за добар живот, се наведува во објавата на ССМ.

Протестот ќе почне во 12:30 часот пред зградата на Сојузот на синдикатите, а ќе заврши пред Владата каде ќе бидат упатени барањата.