Српскиот инфлуенсер Борис Радошевиќ воодушевен од Охрид: „Вакви призори ретко каде ќе видите“

Српскиот инфлуенсер Борис Радошевиќ, познат на социјалните мрежи како lutajuci_putnik, конечно го посетил Охрид и на својот Инстаграм профил, каде има над 187.000 следбеници, сподели дека ова патување долго време го посакувал.

„Требаа 34 години за да стигнам до еден од најубавите бисери на Балканот,“ напиша тој, додавајќи дека одамна бил запознаен со историјата, природата, гостопримството и магијата на Охридското Езеро, но дури сега успеал да помине неколку дена таму.

Радошевиќ претходно ја посетил Македонија – се искачил на Титов Врв, пловел со кајак низ кањонот Матка и прошетал низ Скопје – но, како што нагласува, Охрид е вистински бисер кој секој треба да го види барем еднаш во животот.

„За самото пристигнување ме пречека зајдисонце кое не може да се опише со зборови. Тоа беше магичен плес на сонцето, езерото и лебедите,“ напиша инфлуенсерот, додавајќи дека е убеден оти ќе се врати. „Сигурен сум дека е така и веќе знам дека ќе се вратам, затоа што вакви призори ретко каде ќе видите.“

Во својата втора објава, Радошевиќ сподели детали од прошетката низ Стариот град и посета на познатите охридски знаменитости. „Црквата Свети Јован Канео е сигурно првата асоцијација на Охрид. Од тука се пружа прекрасен поглед на градот и на езерото. Легендата вели дека рибарите сакале да ја изградат црквата токму на ова место за Свети Јован да ги чува додека ловат риба,“ напиша тој.

Тој потсети дека Охрид е познат и како „град на 365 цркви“, а меѓу нив го издвои манастирот Свети Наум, кој го опиша како најубавото место на Охрид. „Овде природата била навистина великодушна. Кристално чиста вода која може и да се пие, неверојатни предели, зеленило и планини – тоа е нешто најубаво што можете да го видите во Македонија,“ напиша инфлуенсерот, кој особено се воодушевил од возењето со чамец до изворите на Црн Дрим.

„Овде моторни чамци се забранети за да се зачува природата. Само веслачи можат да ве пренесат, што дава посебна магија на местото,“ објасни Радошевиќ и додаде дека посетата на манастирот и изворите е незаборавно искуство кое завршува со капење на некоја од преубавите плажи во околината.