Српска компанија „Имлек“, сопственик на „Бимилк“, доби нови сопственици

Фондот „MidEuropa“ ја продаде компанијата „Имлек“, една од најголемите млекарски групации во Србија, на инвестицискиот холдинг AJFH на бизнисменот Андреја Јовановиќ и на Бојан Радун.

Инвестицискиот холдинг на Јовановиќ – AJFH, како водечки инвеститор, заедно со Бојан Радун, актуелен генерален директор на „Имлек“, потпишале договор за заедничка аквизиција на компанијата од досегашниот сопственик, фондот „MidEuropa“, соопшти компанијата.

„Имлек“, со седиште во Падинска Скела во Белград, управува и со две млекарници во Македонија и Босна и Херцеговина. Во нив, со најсовремени производствени капацитети, годишно се преработуваат речиси 400 милиони литри сурово млеко, набавено преку соработка со повеќе од 3.500 фармери, се наведува во соопштението.

Јовановиќ и Радун оценија дека „Имлек“ има значителен потенцијал за понатамошен развој преку континуирани инвестиции, оперативна ефикасност и иновации.

Според компанијата, се очекува трансакцијата да биде финализирана во првиот квартал од 2026 година, во зависност од стандардните регулаторни одобренија и условите за затворање на процесот.

Андреја Јовановиќ е познат како коосновач и поранешен сопственик на производителот на грицки „Марбо Продакт“, кој подоцна беше преземен од PepsiCo, како и по неговата улога како извршен директор и косопственик на групацијата „Мои брендови“ (во која беа „Бамби“, „Књаѕ Милош“ и „Имлек“).

Бојан Радун, кој ја води компанијата од 2018 година, претходно бил директор во „Бамби“ и „Нектар“, а моментално е и претседател на Надзорниот одбор на полската компанија „Hortex“, производител на замрзната храна и сокови.