Средба на министерката Петровска со офицери на Армијата на Република Северна Македонија на школување во Бугарија

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Софија разговарала со двајца високи офицери од Армијата на Република Северна Македонија кои во моментот се дел од Школата за национална одбрана и Командно-штабната академија на софиската Воена академија „Генерал Ѓорѓи С. Раковски“.

– Ние остануваме силно посветени на развојот на човечкиот потенцијал во одбраната и во Армијата зашто вие сте нашиот најголем ресурс. Ќе продолжиме да инвестираме во индивидуалниот капацитет на сите армиски припадници, и дома и во сојузничките земји зашто тоа е најдобриот начин за воспоставување на блиски меѓусебни контакти на индивидуално ниво како офицери на сојузнички Армии, рекла министерката Петровска, соопштија од МО.

Полковникот Сибиновиќ и потполковникот Стоименовски се заблагодариле за средбата и можноста да поразговараат со министерката за една од темите која е најважна во одбранбениот сектор – континуираното воено образование и усовршување.