Срцето на Скопје ќе чука во ритамот на УЕФА Супер Купот

Неколкумесечните подготовки на Град Скопје за УЕФА Супер Купот се ближат кон својот крај. Денес Град Скопје, УЕФА, нејзините партнери и ФФМ почнаа со своите подготовки во „неутралната фан зона“ на плоштад „Македонија“ во Скопје.

Супер Купот ќе се игра помеѓу двата најуспешни европски клубови, Реал Мадрид и Манчестер Јунајтед. Нема ниту еден играч во овие два тима кој не сака да го подигне престижниот трофеј.

Град Скопје во соработка со УЕФА и ФФМ го започна уредувањето на градот во пресрет на долгоочекуваниот натпревар со поставување на билборди и мегалајти по што на 26 јули силно светна и скопското Кале во боите на Супер Купот. Ова беше само предвесник за сето тоа што ќе се случува во фан зоните и што ќе кулминира на големиот натпревар. Во тек се поставувањата во самите зони, најмногу во „неутралната фан зона“ каде сите активности ќе се реализираат. Останатите две зони, платото пред спомен куќата на „Мајка Тереза“ и плоштад „Филип Втори“ ќе служат како точки за средба од кои навивачите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.

„Неутралната фан зона“ ќе биде отворена на 7ми и 8ми август и овие два дена ќе функционира од 11.00 до 19.00 часот. Во оваа фан зона ќе бидат изложени трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на шампионите, трофејот на Лига Европа и Супер Купот, и секој посетител ќе ја има можноста да се фотографира со истите. Тие ќе бидат поставени на 7ми август, од 11.00 до 19.00 часот, и 8ми август од 11.00 до 16.00 часот. Поставувањето на трофеите е дел од „Трофеј турата“ организирана од страна на ФФМ во склоп на која млади момчиња и девојчиња од цела Македонија се натпреваруваа да дојдат до финалните дуели кои ќе се одиграат на грас рут игралиштето кое ќе биде поставено во „неутралната фан зона“. Под сјајот на големите УЕФА трофеи момчињата ќе ги одмерат силите на 7ми од 11.00 до 13.00 часот, а девојчињата во исто време на 8ми август.

Во зоната се поставуваат и уредуваат местата определени за 1 на 1 фудбал, шутирање пенали, фудбалски тенис и freestyle фудбал додека за освежување и други активности ќе се погрижат партнерите на УЕФА Pepsi, Heineken, Master Card и Nissan. Интересно е што експерти во freestyle фудбал од Франција ќе ги покажуваат своите способности и ќе ги подучуваат заинтересираните. Секој ќе може да им се придружи и да научи нешто ново и забавно.

Покрај многубројните активности во „неутралната зона“ ќе биде поставена голема бина каде на 7ми DJ Branchez, DJ Mats, ContruDJ и Симона Попоска, а на 8ми DJ Bobi, DJ Dela, Brass Brothers и Сара Мејс ќе ги забавуваат присутните.

Град Скопје очекува десетици илјади посетители и за таа цел се погрижи да најголемиот дел од нив бидат информирани за знаменитостите на Скопје преку промотивно видео и голем број на брошури.

Со нетрпение се очекува кулминацијата на 8ми август и затоа Град Скопје цели во тоталност да го долови духот на овогодинешниот Супер Куп.