Спомен од нашето детство: Планетариумот во Скопје (ФОТО)

Нема кој не бил во посета на Планетариумот во Скопје организирана од училиште или градинка. Воодушевувањето на звездите над нашите глави и објаснувањето на предавачите за вселенските појави на сите ни оставило впечаток. Денеска работи со истата опрема од неговото отварање и сеуште има посетители од училиштата низ Македонија.

Со изградбата на новиот Луна Парк се предвидува и изградба на едукативен и мултимедијален центар во кој ќе може да се дознае повеќе за Месечината, небесните тела, астрономијата, низ активностите во мултифункционалниот простор и интерактивниот простор наменет за холограмски и 3D проекции, планетариумот, амфитеатарот за предавања, и кино-салата.

Планетариумот е изграден во 1972, а опремен во 1974 година. Функционира во рамките на Младинскиот културен центар – Скопје (МKЦ). Овој планетариум како здание е подарок од Алжир и СССР и своевремено тој бил единствен на просторите на поранешна Југославија.

Тој е од типот мали планетариуми, а инструментот е познат како 3KП1 и е од првите серии. Планетариумите во светот се опремени со современи инструменти од новата генерација кои овозможуваат 3Д-проекција и користење дигитална технологија. Со инструментот во скопскиот планетариум се добива изгледот на небото што всушност е лажна слика што ја даваат нашите очи за вселената додека планетариумите во светот се во рамките на научни музеи каде што со опремата се презентираат научните достигнувања, пред се, во природните науки.

Единствениот планетариум во Македонија, посетителите можат преку организираните предавања и користењето на визуелните ефекти на Планетариумот да ги запознаваат основите на астрономијата, изгледот и движењето на небото и небесните тела, нивната природа, потекло, иднина…

Предавањата се во живо и ги вршат тројца предавачи. Се работи само со групни посети, при што групата мора има минимум 20, а најмногу 80 посетители и да бидат од слична возраста, бидејќи не е исто да се предава на деца од 5 години и постари деца. Посетите се закажуваат.По потреба држат предавања и за граѓани по повод невообичаени појави и нејасни случувања. Билетот чини 70 денари.