Спасовски: Продолжува ефикасната оперативна соработка со ЕВРОПОЛ

Делегација на МВР предводена од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, оствари работна посета на седиштето на Агенцијата на Европската Унија за соработка при спроведување на законот (ЕВРОПОЛ) во Хаг, Кралство Холандија, при што беше остварена средба со Извршниот директор на ЕВРОПОЛ, Катрин Де Бол.

Целта на посетата е зајакнување на оперативната соработка со ЕВРОПОЛ, во која нашата држава зема активно учество со својот придонес во тековните активности на агенцијата. Ова е прва посета на министер за внатрешни работи од РСМ на седиштето на ЕВРОПОЛ во Хаг.

„Посебно сакам да го истакнам активниот придонес на нашето министерство во изготвувањето на Извештајот за процена за закани од сериозен и организиран криминал во ЕУ - СОКТА, врз чија основа Советот на ЕУ ги усогласува приоритетите во борбата против организираниот и сериозен криминал”, истакна министерот Спасовски за време на средбата.

Министерот Спасовски информираше дека паралелно се врши и изготвување на СОП (стандардна оперативна процедура) за размена на информации во реално време и Прирачник за обука за размена на информации во реално време поврзани со инциденти од мало и лесно оружје.

„Оваа соработка во континуитет се зацврстува и ги отсликува нашите напори во унапредување на меѓународната полициска соработка, како еден од приоритетите за придонес кон безбедност и стабилност во нашиот регион, како и во земјите на Европската Унија, што понатаму се рефлектира и на глобално ниво”, потенцираше министерот Спасовски.

На средбата стана збор и за справување со илегалната миграција, при што министерот Спасовски истакна дека ефикасното управување со границите, со миграциите и контролата на илегалната  миграција вдолж  „Западнобалканската рута“ и понатаму е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи, а безбедносната состојба на државните граници на Република Северна Македонија е оценета како стабилна и без позначителни промени во однос на изминатиот период.

„Во делот на криумчарењето на мигранти, во периодот од јануари до јули  регистрирано е значително зголемување на бројот на откриени случаи - 57, што е зголемување од 119% во однос на истиот период лани, додека бројот на откриени криумчарени мигранти е зголемен за 141%: откриени се 895 криумчарени мигранти наспроти 371 во истиот период лани, што укажува на зголемена ефикасност во откривањето на вакви случаи”, информираше министерот Спасовски.

Директорката Де Бол изрази подготвеност за соработка и поддршка во делот на компјутерски криминал и во делот на економски криминал и финансиските истраги во наредниот период, што со задоволство беше прифатено од министерот Спасовски.