Спасовски од Софија: Меѓусебната соработка е императив за ефикасна национална безбедност

Меѓусебната соработка и партнерство денес, во овој актуелен момент е императив без кој е невозможно да се претендира на ефикасна национална безбeдност во поглед на новите и опасни форми и облици на закани со кои што се соочуваме не само ние овде во нашиот регион, туку и во Европа и светот.

Ова го истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на заедничката прес-конференција на министрите за внатрешни работи на земјите од Западен Балкан на министерската конференција посветена на соработката во борбата против екстремизмот што во организација на бугарското МВР и Меѓународниот републикански институт се одржа денеска во Софија.

– Нашата денешна средба овде во Софија ја имаше токму таа цел, заеднички да разговараме за прашања ни малку наивни, кои подеднакво ги споделуваме како реални предизвици, и поединечно и регионално, и се разбира преку размената на искуства и идеи да дојдеме до реални основи врз кои што ќе ја фундираме нашата натамошна соработка, рече меѓу другото министерот Спасовски.

Во двата отворени дебатни панела од министерскиот форум на кои покрај министрите за внатрешни работи учествуваа експерти од областа на безбедноста и претставници на повеќе меѓународни организации и институции, соопшти денеска МВР, министерот Спасовски говорел за концептите за превенирање на екстремизмот, како и околу искуствата во меѓународната соработка, пред се со американскиот Стејт департмент, како позитивен пример за надградба на капацитетите на институциите во справување со појавите на насилен екстремизам и радикализам.

Спасовски се осврна на прашањето околу важноста на локалните средини во рана детекција и превенција на екстремизмот, особено низ призмата на нашите искуства со вклучување на локалните совети за превенција во спречување на екстремизмот.

– Она што за нас е важно, преку овој вертикален концепт на соработка од национално до локално ниво, е постигнувањето на зацртаните цели: пред се децентрализирање на активностите со етаблирање на постојана комуникација и давање поддршка на локалната самоуправа, особено во контекст на насоки за тековни или идни активности. Потоа, не помалку важното заедничко детектирање и дефинирање на приоритетите, подигнување на јавната свест за соработката со полицијата во заедницата. И, се разбира, градење на отпорност на самата заедница во однос на предизвиците за инфилтрирање на влијанија или потенцијални активности од делот на екстремизмот и радикализмот, преку креирање на реални политики согласно спецификите на локалната самоуправа, потенцира Спасовски.

Според Спасовски, со ваквиот пристап практично се зголемува нивото на граѓанска партиципација во јавни работи, односно степенот на инклузија на заедницата – во конкретниот случај во делот на безбедноста, со што далеку ќе се засилат механизмите за рана детекција и заштита како на локално така и на национално ниво.

Како што стои во соопштението, министерот Спасовски се осврнал и на меѓународната соработка како суштински чинител во успешно справување со предизвиците посебно акцентирајќи ја улогата на американскиот Стејт Департмент, пред се преку Програмата за борба против тероризмот (АТА).

– Преку сеопфатните безбедносни реформи што ги превземавме и помошта што во тој смисол ја добиваме од нашите партнери од САД, примарно целиме кон создавање функционални стратешки концепти на оперативно работење, кои што подеднакво ќе бидат способни и за регионална или мултилатерална соработка. Особено што овој вид предизвици, особено сега, јасно ја демонстрираат својата глобална повеќезначност и сите сме свесни дека не се доведува во прашање само националната, туку и пошироката регионална, европската, односно светската безбебедност, нагласил министерот Спасовски.

На маргините од министерската конференција Спасовски остварил заедничка работна средба со бугарскиот колега Младен Маринов, косовскиот министер за внатрешни работи Екрем Мустафа и заменик министерката за внатрешни работи на Албанија Ромина Куко.