
Тројца планинари биле безбедно извлечени од Шар Планина откако останале заглавени во близина на местото викано „Три води“, во атарот на село Теарце, а на еден од нив му се влошила здравствената состојба.
Според информациите од полицијата, на 11 јули во 18:46 часот во СВР Тетово, 38-годишниот А.Ч. од село Жеровјане побарал помош за себе и за уште две лица, Н.М. од Слатино и Б.А. од Глоѓи. Тие со возило пристигнале до „Три води“, по што пеш се упатиле кон Шар Планина, но останале заглавени.
Во меѓувреме, на А.Ч. ненадејно му се влошила здравствената состојба, при што почувствувал болки во градите и отежнато дишење.
Веднаш по пријавата биле известени Полициското одделение Теарце и Територијалната противпожарна единица од Лешок. Н.М. и Б.А. успеале да го симнат А.Ч. до местото викано „Бачило“, каде биле пречекани од спасувачката екипа.
По пронаоѓањето, групата заедно со спасувачите пеш се спуштила до возилото, а во 20:40 часот кај „Три води“ била преземена од полициски службеници од ПО Теарце.
Лицата биле безбедно спроведени до регионалниот пат кај село Лешок, каде пристигнала екипа на Итната медицинска помош од Тетово. А.Ч. во 00:55 часот бил пренесен со амбулантно возило во Клиничката болница Тетово за укажување лекарска помош.