Министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, се обрати на конститутивниот состанок на новата Комисија за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, честитајќи на новите членови на Комисијата за нивниот мандат, изразувајќи увереност дека тие ќе продолжат работата на Комисијата и ќе допринесат за подобрување на стручните стандарди во заштитата на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и неговата универзална вредност. Изразувајќи задоволство од работата на претходните состави на Комисијата, Костадиновска-Стојчевска ги потсети присутните на заштитните активности што Министерството за култура ги спроведе во рок од шест години за потребите на Комисијата.
"Во тој период беа изработени Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2020) и Стратегискиот план за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030), документи кои ги дефинираат дозволените и рестриктивните активности во Охридскиот Регион", изјави министерката за култура.
Таа додаде дека Министерството за култура, во соработка со Управата за заштита на културното наследство и НУ Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, изработи Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чиј текст е во постапка на собраниска процедура и кој предвидува забрана за градење на нови објекти, доградби и надградби во Старото градско јадро на Охрид сè додека не се донесат нови детални урбанистички планови, усогласени со режимот на заштита што е поставен со законот.
Во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство, изработена е нацрт-верзија на Законот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион.
"Министерството за животна средина и просторно планирање, од своето основање, има значајна улога како заштитник на универзалната вредност на Охридскиот Регион и за зачувување на интегритетот на најстарото и најбогато езеро со биолошка разновидност во Европа. Во продолжение, Министерството воведува конкретни активности во заштита на природата, што е исто толку важно како и заштитата на културното наследство", изјави министерката Шукова, честитајќи им на новоименуваните членови на Комисијата и им посака успех во нивната работа.
Според Одлуката на Владата, од 1 април оваа година, претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион е Министерството за животна средина и просторно планирање."