Советот гласаше за ребаланс на буџетот на Општина Карпош

Во рамки на тринаесеттата седница на Советот на Општина Карпош која се одржа денеска во просториите на Универзитетот за туризам и менаџмент-Скопје, советниците расправаа по 54 точки кои се најдоа на дневниот ред. Притоа, советниците го поддржаа предлогот за измена и дополнување на Буџетот на локалната самоуправа за 2022 година.

Имено, потребата од донесување на оваа одлука произлезе од релативно добрата реализација на приходите и расходите, во чија согласност се зголеми лимитот на вкупниот општински Буџет во износ од 115.133.000 денари. Според тоа, промени на износите на одредени ставки има во сите колони во консолидираниот Буџет на Општината.

Поточно, кај ставката социјални надоместоци извршено е зголемување на износот од 5.400.000 денари на 7.900.000 денари. Станува збор за зголемување на оваа ставка, поради зголемен број на барања од страна на граѓаните, за социјална помош.

Во програмата за уредување на градежно земјиште, извршено е зголемување од 9.300.000 на 11.300.000 денари, поточно за ставката за реконструкција на станбени објекти. Поврзано со капиталните трошоци од оваа ставка, извршено е зголемување од износ 20.700.000 денари на 32.300.000 денари, заради потребата за изградба на инфраструктурни објекти за фекална и атмосферска канализација.

Како дел од подпрограмата за одржување на урбаната опрема, вкупниот износ е зголемен од 16.000.000 на 22.000.000 денари, во насока на зголемената потреба за тековно, редовно и уредно одржување на урбаната опрема на територија на локалната самоуправа. За одржување на јавното осветлување, како и за исплата на зголемените сметки за електрична енергија за улично осветлување, износот од 48.000.000 денари се зголемува на 67.000.000 денари. За одржување и заштита на локалните патишта на територија на општина Карпош, досега предвидената финансиска рамка од 14.000.000 денари се зголемува на 20.500.000 денари.

Во подпрограмата за одржување и користење на паркови и зелени површини, износот од 9.000.000 денари се зголемува на 10.000.000 денари, со што ќе се употребат дополнителни средства за одржување на системите за наводнување и на други хортикултурни содржини. За изградба и реконструкција на локални патишта и улици, износот од 46.819.000 денари се зголемува на 62.819.000 денари, од причина што се потребни повеќе средства за исплата на судски решенија, како и за изградба и реконструкција на патната инфраструктура во Карпош. Од областа на културните манифестации и творештвото за реализација на предвидената програма, износот од 1.600.000 денари се зголемува на 1.800.000 денари.

Поради реалната потреба за реконструкција во основните училишта како дел од капиталните расходи од подпрограмата за образование, износот од 5.290.000 денари се зголемува на 6.890.000 денари.

Советниците од Карпош дадоа „зелено светло“ и за прифаќање на донацијата од АУТОМОТИВ ГРУП ДООЕЛ Скопје, во вид на поставување на хоризонтална и вертикална сигнализација, како и изработка на основен сообраќаен проект за измена и дополнување на режим на сообраќај на дел од ул. Прашка и утврдување на режим на сообраќај на дел од ул. Дамаска. Вредноста на донацијата изнесува 199.526 денари, а проектот го изработи ИНГ Глобал Инженеринг АВ ДООЕЛ Битола. Со истата динамика, советниците дадоа согласност за прифаќање на донацијата од Друштвото за производство, трговија и услуги ВАНИЛА ФУД ДООЕЛ Скопје во вредност од 29.570 денари.

Имено, овие средства ќе бидат искористени за изведба на пристапна рампа за децата – ученици со инвалидитет од ООУ Христијан Тодоровски Карпош. Откако деталното беа образложени материјалите, советниците ги усвоија и годишните извештаи за работата на општинските детски градинки и основни училишта за 2021/2022 година, како и годишните програми за работата на претшколските установи за 2022/2023 година. По претходно разгледување на комисијата за јавни дејности, советниците го поддржаа предлог – мислењето за програмите за изведување на ученички екскурзии и други активности за 2022/2023 година, за десетте основни училишта на територија на општина Карпош.

Советот го усвои и Извештајот од Комисијата за објавување на јавен повик и спроведување на постапка за доделување на финансиска поддршка за поправка и санација на постоечки лифтови, како и поставување на нови лифтови во станбени згради за колективно домување на територија на локалната самоуправа.

Со одлука на советниците, Општина Карпош еднократно ќе исплати финансиска помош во висина од 500.000 денари за санација на дел од оштетен покрив на зграда на ул. Јуриј Гагарин бр. 43.

Широка поддршка од советниците добија и предлог – програмите за измена и дополнување на Програмите за активностите на Општина Карпош од областа на екологијата и енергетската ефикасност за 2022 година, од областа на развојот на општината за 2022 година, за уредување на градежното земјиште за 2022 година, за еднакви можности меѓу жените и мажите за 2022 година, како и на Програмата од областа на детската, социјалната и здравствената заштита за 2022 година. Со мнозинство гласови, советниците дадоа согласност за потпишување на Меморандум за соработка помеѓу Општина Карпош и Коалицијата на младински организации „СЕГА“.

Основата за соработка на овој меморандум произлегува од потребата за воспоставување на стратешка соработка со „СЕГА“, заради подобра имплементација на Националната стратегија за млади на РСМ 2016-2025 година.

Меморандумот има за цел да овозможи рамка за успешно спроведување на дел од мерките од тематските области какви што се младинското учество и информирањето, локалната младинска работа, образованието, вработувањето и поддршката пред вработување, како и квалитетот на живеење, кои пак се дел од Националната стратегија за млади, информираа од општина Карпош.