Состојбата со Ковид-19 и неговите мутации во светот не се смирува

Во светот состојбата со Ковид-19 и неговите мутации не се смирува. Надлежните и натаму повикуваат на масовна вакцинација на населението, во повеќе држави поради зголемен број случаи во сила се рестрикции, а во некои земји се најавува ублажување на рестриктивните мерки доколку мнозинството од населението се имунизира. За невакцинираните забранет е влезот во трговски центри, кафулиња, ресторани, барови и ноќни клубови…

Во Грција се воведени рестрикции во регионите Арголида и Евританија, а се продолжени во областите Илија, Ахаија и Месинија на Пелопонез, како и на островот Икарија и во градот Ираклио на Крит. Мерките се во сила до 17 септември. Мерките кои стапуваат во сила, кои пред сè се за невакцнираните, освен за Грците, ќе важат и за посетителите на земјата, а тоа значи дека влезот во внатрешните делови на кафулињата, баровите, рестораните, таверните, ноќните клубови, како и во спортските сали, ќе биде дозволен само за вакцинирани лица и за оние кои во изминатите шест месеци прележале Ковид-19.

Епидемиологот и член на кризниот штаб на Србија, Бранислав Тодоровиќ изјави дека во земјата ќе се воведат ковид сертификати, кои ќе се користат за влез во кафулиња, ресторани, барови и ноќни клубови.

Словенечката Влада усвои уредба според која, од среда, 15 септември, ќе се воведе поригорозна примена на таканаречените ПЦТ услови за сите вработени кои се во контакт со клиенти и за корисниците на нивните услуги. ПЦТ услов значи дека луѓето мора да имаат прележано Ковид-19, да се вакцинирани или да имаат негативен тест за коронавирус, државата ќе ги сноси трошоците за тестирање на вработените, а работодавачите ќе можат да ги санкционираат тие што не се придржуваат кон оваа регулатива.

Германската канцеларка Ангела Меркел вчера побара од своите сограѓани да ја искористат неделната кампања за вакцинација против Ковид-19, во рамки на која жителите ќе можат да добијат бесплатна доза вакцина на местата каде се вршат богослужби, во спортски објекти, како и во јавниот превоз. Во германската провинција Баден-Виртемберг, в среда ќе стапи во сила мерка според која невакцинираните луѓе, доколку се разболат од Ковид-19 и мора да бидат ставени во изолација, нема да примаат плата за тој период.

Јапонската Влада вчера соопшти дека повеќе од 50 проценти од граѓаните се целосно вакцинирани против Ковид-19 и дека разгледува план со кој ќе ги ублажи рестриктивните мерки во ноември, доколку мнозинството од населението е имунизирано.

Регулаторното тело за здравство на Јужноафриканската Република ја одобри употребата на вакцината „Фајзер/БиоНТек“ за деца на возраст од 12 години и постари, отворајќи пат за Владата на земјата да ги имунизира тинејџерите.