„Соседска патрола“ низ Аеродром за поголема безбедност

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, претставници на Полициската станица од Аеродром, одделението за превенција при СВР-Скопје, како и родители од овој дел на градот синоќа беа во обиколка на повеќе локации низ општината, каде што се евидентирани зачестени нарушувања на јавниот ред, информираат преку соопштение од општината.

„Овие активности се дел од проектот „Соседска патрола“, во чии рамки се посетија повеќе паркови, воспитно-образовни објекти и игралишта во населбите Стар Аеродром, Јане Сандански и Ново Лисиче. Со лицата кои беа таму затекнати се дискутираше околу законските правила и прописи за превенција од ситуации кои можат да доведат до посериозни нарушувања на јавниот ред и мир и безбедноста на жителите на ова подрачје“, додаваат од општина Аеродром.

Проектот „Соседска патрола“ го спроведува Министерството за внатрешни работи, преку СВР-Скопје заедно со локалната самоуправа, а негова цел е да се зголеми сигурноста и безбедноста на граѓаните во нивните населени места.

Во наредниот период почнуваат подготовките за втора фаза на проектот, кој ќе опфати воспоставување редовни активности за зголемување на безбедноста на територијата на Општина Аеродром.