
Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичниот суд поднело предлог за определување мерки на претпазливост за сопственичка на салон за убавина, која е осомничена дека користела и рекламирала шверцувани медицински препарати за естетски третмани.
Меѓу мерките што ги бара Обвинителството се одземање на патната исправа, односно пасошот, како и забрана за одржување контакти со другите двајца осомничени во случајот.
Информацијата доаѓа откако од Царинската управа денеска соопштија дека Секторот за контрола и истраги лишил од слобода три лица, меѓу кои и сопственичката на салонот, под сомнение за шверцување медицински препарати кои можеле да бидат штетни по здравјето на луѓето.
Во рамки на истрагата бил извршен претрес во салонот за убавина, при што биле пронајдени непроверени дермални филери и други медицински производи што се користеле при третмани за разубавување и редуцирање маснотии.
Според информациите од надлежните институции, препаратите биле шверцувани во државата и потоа користени врз клиенти во салонот.
Од Царинската управа информираат дека истрагата продолжува, а надлежните институции преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот.