Сојот омикрон потврден и во Русија

Во Русија се потврдени првите два случаја со омикрон варијантата на коронавирусот.

Видот oмикрон е потврден кај две лица кои пристигнале од Јужна Африка, пренесе РИА Новости.

Омикрон досега е регистриран во повеќе од 35 земји. Научникот кој прв го откри новиот вид рече дека е загрижувачка брзината со која варијантата ја акумулирала својата необична шема на мутации.

„Се уште се обидуваме да разбереме како има толку многу мутации кај омикрон за толку кратко време. Ако ги погледнете претходните соеви, како алфа и бета, ќе видите дека мутациите се случиле побавно, со текот на времето“, објасни Сикулиле Мојо.

Исто така, во Аргентина е регистриран сојот Омикрон кај лице кое допатувало од ЈАР на 30 ноември. Тој имал примено две дози вакцина против Ковид-19.

Во Непал денеска се потврдени два случаи на зараза со сојот Омикрон. Двете лица биле во контакт со 66 луѓе, но засега никој од нив не е заразен.