Социјалниот сервис за грижа на стари лица функционира и во вонредна состојба

Социјалниот сервис за грижа на стари лица при Црвениот крст на град Скопје, непрекинато функционира и во време на вонредна состојба. Сите 200 корисници стари и изнемоштени лица кои редовно се посетуваа во домашни услови редовно ги добиваат услугите за поинакви нивни потреби.

– Во  согласност со мерките, повеќе од 600 корисниците на дневните центри се контактирани во домашни услови, и е постапено во согласност со нивните барања и потреби. Во континуитет медицинскиот персонал, социјалните работници и логистичките капацитети на Црвен крст на град Скопје се ставени во функција на набавка на најпотребните лекови, пазарување, психосоцијална поддршка, проверка на гликемија и крвен притисок или останати потреби согласно капацитетите – соопштуваат од Црвениот крст на Град Скопје.

Оттаму додаваат дека постоењето на социјални сервиси се од исклучителна важност во кризни ситуации или вонредна состојба, токму тогаш ранливите категории имаат каде да се обратат за вистински информации и споделување на потребите.